Недела да стане работен ден за сите, а оние што ќе работат во недела да земаат двојна дневница. Ова барање, за кое бизнисот има низа аргументи, одамна е на дневен ред во стопанските комори. Стопанската комора на Македонија поднесе и иницијатива до Уставниот суд со која го оспоруваше Законот за недела неработен ден, но беше отфрлена. За бизнисот, со недела неработен ден, губат сите, губи државата поради тоа што не се прават поголем промет и повеќе пари во буџетот од ДДВ, губат бизнисите кои не можат да работат во недела, а губат и работниците кои во недела не земаат дупла дневница. Граѓаните, исто така, сметаат дека во недела треба да работат повеќе маркети и пекарници, бидејќи нема каде да купат бурек и леб.
– Ваквата одлука е самоубиство за бизнисот и не е добра ниту за државата. Во недела доаѓаат многу гости од Албанија, Грција, Косово, Србија… и тука ние, всушност, многу губиме. Соседите, кои редовно доаѓаат, кои ни се редовни гости во недела, оставаат пари во нашата економија и се полни буџетот. Откако ја прогласивме недела за неработен ден, веќе не доаѓаат. Што ако некој е дома во недела, одмора, кога може да направи многу поголем промет отколку во работен ден. Ако има поголем промет, ќе има и повисоки плати за работниците. Ние носиме закон за недела неработен ден за да ги заштитиме работниците, а тие не бараат да седат дома во недела. Па кој нема да сака да работи во недела ако му платиш двојна дневница? – изјави за весникот ВЕЧЕР Нухи Алиу, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Тој додава дека остануваат на барањето недела повторно да биде работен ден. Тие го побарале тоа од Владата и од институциите, имале и иницијатива, но засега сè уште немаат дефинитивен одговор.
– Во недела, луѓето доаѓаа на шопинг, на ручек во кафеана, да наполнат бензин, бидејќи имаме пониски цени на бензин од соседите. Треба да ја гледаме и економската логика, а не само исполнувањето на одредени партиски интереси. Имаме многу празници, а и недела да биде неработен ден е премногу за една мала економија како нашата – појаснува Нухи.
И од Сојузот на стопански комори го делат истото мислење со Стопанската комора на Северозападна Македонија дека недела треба да стане работен ден за сите.
– Во услови кога соседните земји работат во недела, купувачите од нашата држава ќе заминат во другите држави да пазарат. Со тоа се врши одлевање на капиталот, односно наместо да се трошат во домашната економија, парите ќе се трошат надвор. Македонија е либерално-капиталистичка земја што се движи кон ЕУ и вакви закони не ѝ одат во прилог. Суштината е дека има голем одлив и за бизнисот и за државата. Рационално е дека бизнисите сакаат да работата во недела. Со овој Закон, губи бизнисот, губи државата поради ДДВ, а губат и работниците поради тоа што не земаат двојна дневница – изјави за весникот ВЕЧЕР Горан Ѓорѓиевски, претседател на ССК.
Според некои пресметки, загубите за македонската економија поради недела неработен ден се околу 100 милиони евра.
Сѐ поголем број занаетчии алармираат дека поради неработната недела, значително им се намалуваат можностите за остварување профит, поради што стравуваат од целосно затворање на своите дуќани. Некои од занаетчиите истакнуваат дека во согласност со Законот, за голем дел од професиите нема никаква можност да работат во недела, ниту оние занаетчии што сами се сопственици и сами работат во својот дуќан, односно нема можност самиот газда да се пријави и да работи во недела.
Граѓаните, исто така, сметаат дека во недела треба да работат повеќе маркети и пекарници, бидејќи нема каде да купат бурек и леб.
Сегашната Влада размислува за промени во Законот за недела како неработен ден. Практиката на селективност од претходната Влада треба да се замени со јасни правила: или никој да не работи во недела или сите што постигнале договор со работодавците за двојна или тројна дневница, да имаат право да работат, сметаат од Владата.
Ставот на Сојузот на синдикатите на Македонија за ова прашање е недела да остане неработен ден и во недела да не работи никој, оти ниту една анализа не покажала никаква оправданост. Според ССМ, сега во недела работат 30 илјади работници, а одмораат 500 илјади.
Овие прашања ќе продолжат да бидат тема на дискусија во наредниот период, со цел да се најде решение што ќе ги задоволи интересите на сите засегнати страни.
(А. С.)












