На Светското првенство во кошарка во 2023 година, на Филипините, Денис Шрудер беше прогласен за МВП-играч на турнирот, а сега, две години подоцна, на Евробаскетот, бележи во просек по 20,1 поен, 5,9 асистенции и 3,3 скока и е еден од кандидатите за најкорисен играч на натпреварувањето.
Но, пред само неколку месеци имаше кошмарна клупска авантура, кога за само еден ден беше разменет во дури четири тима.
- Тоа е како модерно ропство. На крајот од денот, тоа е модерно ропство. Секој може да одлучи каде ќе оди. Дури и кога се има има договор. Секако, заработуваме многу пари и можеме да ги прехраниме нашите семејства, но на крајот од денот тие само велат: „Нема да се вратиш на работа утре, одиш таму“, тие решаваат за тоа. Мора да го променат тоа барем малку – кажа Шрудер за размената на играчи во НБА-лигата, која очигледно не му се допаѓа.
Откако ја започна својата кариера во два тима од својот роден Брауншвајг, беше избран на НБА-драфтот во 2013 година, како 17. пик. Потпиша петгодишен договор со тимот на Атланта, а потоа две години играше за Оклахома, па неговата кариера тргна во нагорна линија. Од 2020 година, играше за Лос Анџелес лејкерс, Бостон, Хјустон, повторно за Лејкерс, Торонто, Бруклин и за Голден стејт. Минатата сезона ја започна во Бруклин, потоа беше разменет во Голден стејт. Тој се навикна на тоа, а потоа беше продаден во Мајами, како дел од пакет. Пет Рајли не размислуваше да го задржи, па го испрати во Јута, а потоа, истиот ден, Јута го испрати во Детроит. Ја заврши сезоната во Детроит, а потоа потпиша за Сакраменто кингс.
Иако веќе освои два медала за германската репрезентација и е на пат да го освои и третиот како капитен, тој нагласи дека е јасен дека никогаш нема да биде сакан како Дирк Новицки поради бојата на кожата. Некои би рекле дека тој, сепак, не е кошаркар од таков калибар.
- Имав 14 години и седев пред телевизорот, а Дирк Новицки го носеше знамето на Олимписките игри во Пекинг, во 2008 година. Во тоа време си помислив: „Колку е убаво тоа, нема поголемо признание“. Денес, сепак, знам: Тоа е голема чест, но, за мене, никогаш нема да биде како за Дирк. Никогаш нема да ја добијам истата љубов во оваа земја, бидејќи имам темна кожа – рече Шрудер, кој е дете на татко Германец и на мајка Гамбијка.