Во напредна фаза се изградбата на потпорни ѕидови и уредувањето на коритото на реката Мала Рада, што ќе го намали ризикот од поплави, констатираше градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, по извршениот увид во градежните активности.
Проектот се реализира со средства обезбедени од Владата на Република Македонија, преку програмата за капитални инвестиции финансирани од унгарскиот кредит, за кој Општина Кисела Вода аплицираше и доби одобрување во рамките на поддршката за општински проекти.
– Реката Мала Рада се протега по должина на целото село Драчево, пред нејзиното влевање во реката Вардар, во должина од околу 2,5 километри. Рехабилитацијата на бетонските профили и санацијата на потпорните косини ќе овозможат поголема пропустливост на водотекот и значително ќе го намалат ризикот од поплави, особено во зимскиот и во пролетниот период – истакна Стаменкоска Трајкоска.
Таа додаде дека континуитетот во реализацијата на вакви капитални зафати е од исклучително значење, затоа што тие директно го подобруваат квалитетот на живот, ја зголемуваат безбедноста и ја уредуваат Општината на начин што ја прави поубава и пофункционална.
Градоначалничката истакна дека веќе е започнато со реализацијата на, како што истакна, сериозна програма со бројни инфраструктурни и развојни проекти, кои ќе ги опфатат сите населби и населени места, со јасна цел: стабилен, уреден и модерен развој на Кисела Вода.












