Наталија Ходемчук, вдовица на Валериј Ходемчук, кој беше првата жртва на катастрофата во нуклеарната централа Чернобил во 1986 година, почина во Киев од тешките повреди што ги доби во масовниот руски напад на градот во петокот и саботата. Наталија (73) била тешко повредена кога нејзиниот стан целосно изгорел од удар на дрон, а починала во Центарот за изгореници.
Во нападот на Киев со беспилотни летала во саботата загинаа седум лица, а најмалку 36 се повредени.
„Украинците кои го преживеаја Чернобил, кои помогнаа во обновата на земјата по таа катастрофа, повторно се соочуваат со опасност – теророт на агресорска држава“, ја коментираше смртта на Ходемчук во објава на Икс украинскиот претседател Володимир Зеленски, нарекувајќи ја „нова трагедија предизвикана уште еднаш од Кремљ“.
„На Украина ѝ е потребна поддршка што спасува животи: повеќе системи за воздушна одбрана, повеќе заштитни капацитети и поголема решителност од нашите партнери. Само ова може да го запре понатамошниот руски терор и да им даде на украинските семејства основно право на безбедност во своите домови“, додава тој.
Катастрофата во Чернобил се случи на 26 април 1986 година, кога Украина беше дел од Советскиот Сојуз. Валериј Ходемчук загина веднаш во првата експлозија и се смета за прва жртва на катастрофата. Неговото тело никогаш не беше пронајдено. Споменик на Ходемчук е вграден во саркофагот на нуклеарната централа во Чернобил.
Светската здравствена организација проценува дека приближно 4.000 луѓе починале од катастрофата во Чернобил поради акутни симптоми на зрачење, рак на тироидната жлезда или леукемија предизвикана од зрачење.












