Во Музејот на современа уметност во Скопје, вечерва, (3 септември), во 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Живко Поповски – живот посветен на архитектурата“, што е прва сеопфатна презентација на делото на еден од највлијателните македонски архитекти.
Живко Поповски (Скопје, 30 јули 1934 – Скопје, 10 јануари 2007) e најпознат по Градскиот трговски центар во Скопје, како и Домот на пензионерите во Охрид и реконструираниот Дом на културата „Григор Прличев“, исто така во Охрид.
Куратори на ретроспективната изложба на македонскиот архитект и професор на Архитектонскиот факултет во Скопје се Анета Христова-Поповска и Мери Батакоја.
Темелена на повеќегодишното истражување на проф. д-р Анета Христова-Поповска и на проф. д-р Мери Батакоја, изложбата го осветлува неговиот проектантски опус, претставен со ексклузивни материјали од приватната архива. Публиката во МСУ ќе има можност да види десетици оригинални проекти, цртежи, фотографии и видеа, кои првпат го откриваат целосниот спектар на неговите авторски преокупации.
– Сиот овој документарен материјал испишува една поубава стварност за нашите градови и го прикажува Живко Поповски како вистински вљубеник во архитектурата, кој го посветил сиот свој живот неуморно замислувајќи и проектирајќи архитектура со интимна посветеност. Дополнително, низ оваа изложба, архитектонската имагинација на Живко Поповски се разоткрива како исклучително комплексна и дијалектичка, со преокупации што се протегаат од модернистичката универзалност до силната културна самосвест и длабоката грижа за локалните континуитети, од рациото на модерниот артефакт до ексцентричноста на ликовната интуитивност и постмодерната текстуалност. Неговата архитектура е жива форма, која, како и животот, е повеќегласна и постојано во еволуција. Кураторската поставка ја следи оваа полифонична траекторија низ шест тематски целини: Холандска епизода – архитектурата на отворенотo општество; Фокус „ГТЦ – Собрание на Град Скопје“ – урбархитектурата на дело; Архитектонски конкурси – рефлексија на самоуправувањето во архитектурата; Охридска архитектонска школа – за критичкиот регионализам и татковинските места; На Скопје, со љубов! – за градот што може(ше) да биде и Обрасци на архитектонската имагинација – авторски теми и семантички идиосинкразии – се вели кон изложбата.
Како што додаваат кураторите Христова-Поповска и Батакоја, наместо линеарна биографија, изложбата се гради како простор на резонанции, каде што тематските целини се прелеваат една во друга, претставувајќи го делото на Живко Поповски како траен потсетник дека архитектурата може и треба да биде и длабока авторска опсесија, и интелектуална позиција, а притоа и натаму да остане културен проект со недвосмислена јавна одговорност.
Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, како проект од национално значење за 2025 година, како и на здруженија и на приватни компании, а сите материјали се дел од приватната архива на Живко Поповски.
Посетителите ќе може да ја видат до 15 октомври.