Во МПЦ-ОА почна диференцирањето меѓу епископот Партениј и јеромонахот Георгиј

247

Ново продлабочување на поделбите околу изборот на наследникот на починатиот дебарско-кичевски митрополит, Тимотеј, се случува деновиве, во редовите на МПЦ-ОА. Поделбите и конфронтациите одат по линија на поддршка на дел од верниците и на дел од владиците за епископот атаниски, Партениј, и за новиот јеромонах, Георгиј, кого архиепископот, г.г. Стефан, веќе го предложи за нов охридски владика. Верниците и граѓаните кои го поддржуваат епископот Партениј, а кои одржаа собири во изминативе денови, во Охрид, Скопје и во Кичево, завчера најавија дека нема да запрат нивните барања. На социјалната мрежа „Фејсбук“, во групата наречена „Гласот на народот е глас Божји“ тие побараа да бидат прифатени нивните барања.

– Гласот на народот нема да запре, сè додека не биде слушнат! Гласот е глас на благодарност, глас на љубов, глас на совест и болка за триесет години монашки живот, триесет години дела, триесет години труд на нивата Господова на епископот г. Партениј и триесет години посветени на МПЦ и на својата татковина – Македонија – беше наведено во објавата.

Паралелно со ова, приврзаниците на антанискиот епископ испратија и апел до Светиот синод и до архиепископот, г.г. Стефан.

– Информацијата дека предлог-кандидат за митрополит на Епархијата е многупочитуваниот проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, сега веќе јеромонах Георгиј, за кого навистина мислиме дека е добар човек и не сме против никого, најмалку против него, додека возљубениот од народот, викарниот епископ г. Партениј, не е ставен ниту за кандидат, предизвика голем смут, зачудување, разочараност и многу прашалници. Поради тоа, наш почитуван архиепископу, наш почитуван САС при МПЦ-ОА, ве молиме слушнете ги реакциите, ве молиме оправдајте ни ја довербата, ве молиме да се зачува единството во МПЦ-ОА, ве молиме земете ги предвид реакциите и желбата на народот за кого се распна нашиот Христос. Ве молиме, донесете одлука со која ќе бидат задоволени потребите на верниците – се наведува во апелот.

Но, од Синодот денеска немаше официјални реакции или одговор. Но, дел од владиците веќе почнаа да се изјаснуваат. Митрополитот преспанско-пелагониски, Петар, кој веќе подолго време упатува најразлични обвинувања кон епископот Партениј, по службата во Битола, одново упати тешки обвинувања.

– Оние што протестирале во Охрид, во Скопје велат дека имале свој, нивни старец. Кај беше тој да се покаже со нив таму ако е вистински пастир? Но, бидејќи е лажен пастир, арамија, краде туѓи души. Полнотата на Црквата се изразува преку епархиски владика, а не преку некоиси викарни епископи. Измамништво е кога некој што не е повикан, собира луѓе околу себе и прави гуру-духовник од себе. Тоа се измамени луѓе, а тие ги злоупотребуваат оние луѓе кои се во неволја, кои се подложни на зависност од дрога и од пијанство. Лекувајќи ги од дрога, ги заробија да бидат нивни заробеници, да бидат робови на тоа што ќе им го кажат. Не избираат верниците кој ќе биде владика, избира Светиот синод. Зошто не се појавува пред луѓето во Скопје и во Охрид, кои одат како муви без глава? Ги манипулира, ги лаже… – порача митрополитот Петар во обраќањето.

Освен ова, со своја колумна во јавноста се појави митрополитот повардарски, Агатангел. Во синодските кругови, тој важи за владика што често ги поддржува ставовите на архиепископот, г.г. Стефан. Во колумната во која повикува „да се следи смиреноста на архиепископот за спасение на Црквата во Македонија“, тој им се обраќа на оние што се „фаќаат на јадицата на фанариотите“, односно се поврзани со Вселенската патријаршија. Во изминативе денови, поддржувачите на изборот на јеромонахот Георгиј пласираа обвинувања против епископот Партениј токму за таква поврзаност.

– Секој епископ, свештеник и ѓакон се избира и ракополага пред заедницата на верниците од локалната црква, а не се поставува административно од некој подрумски центар што е зафрлен на некоја далечна и непозната територија. Затоа треба да бидеме внимателни во однос на овие прашања, не смееме да си го повредиме и соблазниме народот. Да си ја чуваме нашата света Македонска православна црква – Охридска архиепископија, да си го слушаме и следиме нашиот кроток и добар архиепископ, зашто он нам ни е даруван правилно да раководи со словото на Божјата вистина – порача владиката Агатангел.

Ова го отвора прашањето дали ќе следуваат истапи во наредниве денови и на другите владици што се дел од Синодот. Познато е, за избор на нов охридски митрополит ќе гласаат дванаесетмина владици што имаат свои епархии, при што секој може да предложи свој кандидат. Изборот се врши со просто мнозинство. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ