Австралискиот тенисер Танаси Кокинакис (29) се врати на теренот по долгата пауза и првпат по толку години играше без болка, откако беше подложен на повторно прицврстување на пекторалниот мускул.
Тој стана првиот тенисер што се подложил на револуционерната хируршка процедура во обид да ја спаси својата кариера.
- Беше ризик, знаев дека, можеби, нема да функционира. Ниту еден тенисер пред мене не бил на ваква операција, па затоа немав кому да му се обратам за совет – изјави Кокинакис.
Операцијата вклучувала имплантирање алографт (Ахилова тетива од починато лице) во рамото за да се врати функцијата на скинатиот пекторален мускул.
- Имам Ахилова тетива од починато лице што го поврзува мојот скинат пекторален мускул со рамото за да го зајакнам тој дел од моето тело – објасни Кокинакис.
Тој рече дека игра веќе некое време, неговите основни удари се „близу 100 проценти“, но дека сервисот сè уште му е предизвик. Сепак, најважно е што, конечно, игра без болка.
- Не сакав повеќе да играм со болка, како што правев во последните неколку години. Имав скинат граден мускул четири-пет години. Ако се обидев да играм долг натпревар или последователни натпревари, раката ми отекуваше и не можев да продолжам – додаде Кокинакис.
Тој неодамна беше дел од австралискиот тим на Дејвис купот, каде што им беше спаринг-партнер на Алекс де Минаур и на другите играчи од репрезентацијата, и најави потенцијално враќање на натпреварувањата на почетокот од следната сезона, во текот на австралискиот летен турнир.