Во Македонскиот народен театар се подготвува претставата со работен наслов „Кататонија“, по мотиви на драмскиот текст на Алис Бирч, во режија на Васил Христов и драматург Викторија Рангелова-Петровска.
Според режисерот Христов, претстои интензивен и динамичен процес, во кој преку драмскиот материјал што се обработува се отвораат повеќе горливи прашања за нашето современо општество. Поигрувањето со драмската форма, драмската структура и специфичниот наратив, карактеристични за авторката Алис Бирч, ќе се применува и во адаптацијата на драмскиот материјал.
Претставата се работи во копродукција на МНТ и Вондерленд театар – Скопје.
Во претставата играат: Игор Ангелов, Сања Арсовска, Верица Недеска, Дениз Абдула, Владимир Петровиќ, Јасмина Василева, Јасмина Билаловиќ и Ања Митиќ. Како костимограф се потпишува Роза Трајческа-Ристовска, сценографското решение е на Васил Христов. Инспициент на проектот е Саво Ивановски.
Премиерната изведба на претставата е предвидена за почетокот на јуни.
Фото: Дени Ингилизовски