Во Македонскиот народен театар деновиве започна реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“ по текст на црногорската современа писателка Марија Сарап, а ја поставува нашата режисерка Наташа Поплавска.

Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање уметност и културна соработка „Арт медиа“ од Скопје.

Во неа учествува актерската екипа Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ-Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.

Како што најавуваат од МНТ, „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули, во рамките на фестивалот „Скопско лето“, а премиерата во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.

Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од македонското Министерство за култура и туризам и од градот Подгорица.

Реализацијата на претставата е, всушност, прва меѓународна соработка на Македонскиот народен театар и Градското позориште од Подгорица по потпишувањето меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Македонија и Црна Гора.

– Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста. Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности. Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера – соопштија од МНТ.

– Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар во кој има постојано вмрежување, остварува институционална и меѓународна соработка, со цел развој на современиот театар во Македонија и во регионот – изјави директорот Никола Кимовски по повод потпишувањето на меморандумот.

Фото: Емил Петро

Џамбазов, Микиќ, Симонов, Михајловски и Митковски во Уметничкиот совет на МНТ

Актерите Игор Џамбазов, Александар Микиќ, Јордан Симонов, Тони Михајловски и Оливер Митковски се во состав на Уметничкиот совет на Македонскиот народен театар, кој беше формиран деновиве, со решение од директорот на оваа национална установа, Никола Кимовски.

Игор Џамбазов (1963) има дипломирано на ФДУ, Скопје, во 1987 г. Од 1987 до 1992 г. работеше во Драмскиот театар, а потоа премина во МНТ. Еден е од неколкутемина македонски актери што имаат успешна филмска кариера, која ја гради уште од детските години. Актер е во триесетина театарски претстави и уште толку улоги на филм и серии, режисер и автор е на музика за претстави, водител, автор на книги и песни. Добитник е на голем број награди, меѓу кои наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2022 година.

Александар Микиќ (1966) има дипломирано на ФДУ во 1992 г. Од 1997 г. работи во МНТ. Тој е актер со голем број улоги: 57 во театар, 24 на филм и 11 во серии. Добитник е на повеќе награди, со најмногу одиграни претстави на матичната сцена.

Јордан Симонов (1966) има дипломирано на ФДУ во 1992 г. Во 2015 г. ги заврши постдипломски студии на тој факултет. Од 1997 г. работи во МНТ. Неговата кариера низ бројки е: 62 театарски улоги, 27 филмски улоги, 8 улоги во серии, 4 режии во театар, 8 театарски награди, голем број снимени радиодрами и натсинхронизации на ТВ-серии и е инструктор по актерска игра на два филма.

Тони Михајловски (1967) има дипломирано на ФДУ во 1993 г. Од 1994 до 1999 г. работеше во МНТ, а потоа премина во статусот слободен уметник. Во 2013 г., повторно се врати во МНТ. Има играно во 29 театарски претстави, исто толку филмови, 16 серии, режисер е на 3 претстави, автор е на текстови за песни. Добитник е на десетина награди, меѓу кои и за животно дело „Петре Прличко“ во 2024 и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за 2022. Беше и уметнички директор на МНТ (2015).

Оливер Митковски (1974) има дипломирано на ФДУ во 1997 г. Од 2000 г. е вработен во МНТ. Актер е во 43 театарски претстави, 12 филма, 7 серии, а има учествувано и во радиодрами. Автор е на музика за претстави. Добитник е на наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2025 г. и наградата за најпопуларен актер за 2009 и за 2013 на „Златна бубамара на популарноста“.

ИЗДВОЕНИ