– Претставата е за семејно насилство, за семејни тајни, за фамилијарни демони. Таа е женски крик, за сите оние жени што доживеале барем малку од она што ќе се види на сцената. И за сите оние жени што молчеле, премолчувале, се прашувале дали да кажат, дали да реагираат, дали да дејствуваат, кому да му се обратат. Ова е апел до институциите и до оние во публиката кои можеби доживеале нешто слично да кажат – доста е, рече режисерката Наташа Поплавска за претставата „Лов на дива свиња“, која премиерно ќе се одигра на 19 јули во МНТ
„Лов на дива свиња“ е претставата работена по текст од црногорската писателка и драматург, Марија Сарап, а во режија на Наташа Поплавска, која премиерно ќе се одигра на малата сцена во Македонскиот народен театар, на 19 јули со почеток во 20:30 часот, во рамки на фестивалот „Скопско лето“. Претставата – праизведба, е копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје. Во претставата се зборува двојазично, на македонски и на црногорски јазик.
– Темата на претставата е женска. Пораката е јасна, се работи за семејно насилство, за семејни тајни кои секое семејство ги крие и ги чува, се работи за фамилијарни демони, кои се пренесуваат на луѓе кои ги немаат тие демони. Ова е женски крик, за сите оние жени што доживеале барем малку од она што ќе се види на сцената. И за сите оние жени што молчеле, премолчувале, се прашувале дали да кажат, дали да реагираат, дали да дејствуваат, кому да му се обратат. Ова е апел до институциите и до оние во публиката кои можеби доживеале нешто слично да кажат – доста е. Тогаш нашата мисија како пренесувачи на пораки е постигната, рече режисерката Поплавска на вчерашната прес-конференција, посочувајќи дека претставата претставува сублимат на две драми на Сарап, „План Б“ и „Лов на дива свиња“ кои имаат иста тема, односно се последователни.
Како што додаде Поплавска, станува збор за една интимна, лична приказна, која зборува и за нашите стравови.
– Мојот предизвик за поставување на овој текст беше збор, атмосфера, тема, болка, насмевка, солза, односно сè она што ми предизвика текстот додека го читав, а потоа сакав да го видам и на сцена, рече таа.
За авторката Марија Сарап, пак, приказната може и без зборови да се разбере.
– „Лов на дива свиња“ е она што ние го ловиме целиот свој живот, она што го следиме целиот живот во себе и што се обидуваме да го избркаме од себе. Всушност, ние ги бркаме своите демони за да бидеме подобри луѓе. За цело тоа време, се појавуваат други луѓе кои нè убедуваат дека тие демони не постојат, и дека работите не се така како што мислиме ние… рече Сарап, на прес-конференцијата во Скопје. Писателката, која во моментов е и уметнички директор на Црногорскиот народен театар, додаде дека кога прв пат дошла на пробата, ѝ било дека сите проникнале и се препознале во темата.
– Никој не смее да ве тепа и никој не смее да ви ги земе децата! Никој! И ако тоа се каже на јасен начин и ако јас, како драматург, можам тоа да го пренесам за да му биде јасно на секого, тогаш ние сме успеале. Не се работи за никој од нас лично, туку се работи за сите нас и како да станеме подобри луѓе… додаде Сарап.
Во претставата учествува актерска екипа од Македонија, и тоа: Ана Стојановска, Искра Ветерова-Славенска и Мина Јелушиќ-Јериниќ, и од Црна Гора – Ѓорѓије Татиќ и Вукан Пејовиќ.
Како што истакна актерката Искра Ветерова-Славенска, која ќе ја видиме на театарската сцена по подолго време, претставата се обидува да ги пронајде причините и последиците за и од насилството, злото, како и страдањата и траумите од кои некои се пренесуваат со генерации.
– Тоа значи дека се обидуваме да се прашаме од каде дојде, од каде се прикраде тоа зло, како ние да го пресретнеме, како да се соочиме со тоа. Мојот лик, Драгица, на некој начин ги отвора причините за тоа од каде потекнува насилството во нашата фамилија Миличиќ, во претставата. Мојот лик живее со последиците од изборите што ги направила. И постојано се преиспитува околу тоа како постапила и во тоа нејзино преиспитување се отвораат причините за насилството, а паралелно ги следи и последиците од него, додаде Ветерова-Славенска.
За Ана Стојановска, она што ја привлекло кон претставата и ликот било токсичната љубов во која кога ќе влезеш забораваш кој си, каков си, стануваш нешто сосем друго и каде можеш да се претвориш од еден добар човек во еден вид чудовиште.
– И тогаш е моментот кога ќе кажеш не – на сè тоа, земајќи предвид дека средината страда околу тебе, но и за да се заштитиш себеси и најмилото. Овој текст ми отвори повеќе прашања во однос на балканската жена и за тоа како таа е третирана кај нас и на ова поднебје. Ми се допадна да раскажеме приказна како една жена од една токсична ситуација и без свој избор може да избега од сè што ѝ е најмило за да може повторно да се најде себеси, да застане на нозе и повторно да биде човек, рече Стојановска.
Како што истакна актерот од Црна Гора, Ѓорѓије Татиќ, кон текстот го привлекло тоа што во него има огромна страст.
– Тоа што се случува во претставата на жените и семејствата останува зад затворени врати. Таа страст експлодира на мрачен начин. Во претставата се прашувам и што е она што го одбележува еден човек, кој е тој „тригер“ на траумата за да биде некој онаков каков што е. Јас досега не сум имал можност да играм ваква улога, а мислам дека сум прилично искусен актер во зрели години, но досега не сум играл насилник, и не сум имал прилика да тепам некој на сцена, да малтретирам на кој било начин, додаде Татиќ.
Мина Јелушиќ-Јериниќ ја игра Маја. Таа истакна дека кога го прочитала текстот знаела каде да трага и копа за ликот, оти текстот одамна го носи во себе.
– Голем предизвик е да се игра на два јазика, иако сум Црногорка по потекло, македонскиот ми е мајчин јазик. Играм млада девојка, но самите трауми што ги носи од дете како товар од нејзините родители е нешто што го најдов во себе и имав мотив зошто да го играм ликот. Пораките од претставата отсекогаш сум сакала да ги пренесам, рече Јелушиќ-Јериниќ која улогата ја добила непосредно по нејзиното дипломирање.
Младиот актер Вукан Пејовиќ, кој е еден од најангажираните во Црна Гора, рече дека културната соработка е особено важна за размената на различните искуства, идеи и актерски школи, како и театри и проекти на кои работеле актерите.
– Ѝ се заблагодарувам на Марија, која храбро дозволи да влеземе во нејзиниот живот, бидејќи многу случаи остануваат зад затворени врати. Целата порака е дека сме си потребни едни на други за да ги решиме тие трауми, и секоја личност на која тоа ќе ѝ се случи треба да побара помош. Ликот на Алекс од површен и незрел, се соочува со својата беспомошност и неспособност и преку страв и емпатија доаѓа до љубов и преземање на одговорност за себе и за другите, но доаѓа и до вистината, рече Пејовиќ.
Премиерната изведба во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е финансиски поддржана од македонското Министерство за култура и туризам и од Градот Подгорица. (Н.И.Т.) Фото: Ѕ. Плавевски