Меѓународна полициска операција во која учествуваа шест земји, поддржана од „Европол“ и „Евроџаст“, резултираше со затворање на Archetyp Market, еден од најстарите и најопасните пазари на дрога преку темната мрежа, објави „Европол“.
Помеѓу 11 и 13 јуни, беа спроведени координирани операции во Германија, Холандија, Романија, Шпанија, Шведска и други земји, а администраторот на платформата – 30-годишен германски државјанин – беше уапсен во Барселона. Техничката инфраструктура на страницата беше затворена во Холандија, додека во Германија и Шведска беа покренати мерки против модератор и шест клучни дилери.
Имот во вредност од 7,8 милиони евра беше запленет, а околу 300 полицајци учествуваа во операцијата, обезбедувајќи клучни докази.
„Архетип Маркет“ работеше повеќе од пет години, во кој период привлече повеќе од 600.000 корисници ширум светот, со вкупен промет од најмалку 250 милиони евра. Платформата рекламираше повеќе од 17.000 производи, вклучувајќи високо потентни синтетички дроги како што е фентанил, што е особено загрижувачко со оглед на зголеменото присуство на овие супстанции во Европа.
Тоа беше еден од ретките пазари на темната мрежа што дозволуваше продажба на фентанил и слични опиоиди, ставајќи го рамо до рамо со сега непостоечките пазари како што се Дрим Маркет и Силк Роуд, познати по нивната улога во глобалната онлајн трговија со дрога.
„Со оваа операција, елиминиравме еден од најдолготрајните пазари на дрога на темната мрежа и прекинавме една од главните линии на снабдување со најопасните супстанции во светот“, рече Жан-Филип Лекуф, заменик извршен директор за операции во „Европол“.
Тој додаде дека пораката е јасна: „За оние кои профитираат од штетата на другите – нема безбедно засолниште“.
Како дел од повеќегодишната истрага, истражителите ја мапирале техничката архитектура на платформата, ги следеле финансиските текови и анализирале дигитални траги, што на крајот довело до идентификација на клучни лица и демонтирање на криминалната мрежа.
Операцијата ја воделе Германската федерална канцеларија за криминална полиција (Bundeskriminalamt) и Јавното обвинителство во Франкфурт, а со поддршка на Европол и Евроџаст, учествувале и полициски служби од Холандија, Романија, Шпанија, Шведска и САД.
На укинатата страница сега се прикажува официјалниот банер за заплена, а повеќе информации и видео порака до заедницата на темната мрежа се достапни на официјалната веб-страница на операцијата: www.operation-deepsentinel.com.