Овој месец или на почетокот од следниот месец ќе биде избран изведувач за изградба на автопатот Кичево – Букојчани. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, вели дека, во зависност од временските услови, ќе се почне со теренските работи.
– До среда е рокот за доставување понуди за автопатот Кичево – Букојчани,кој го работиме заедно со ЕБОР. Вредноста е проценета на околу 123 милиони евра, кои ги имаме обезбедено во соработка со ЕБОР, а 20 % се грант- средства. Очекувам до крајот на овој месец или на почетокот од следниот месец да имаме избрано изведувач и да се започне со работа доколку нè послужат временските услови. Во спротивно, на почетокот од следната градежна сезона, во март, да почнеме со изградба и на овој автопат, кој очекувам да се заврши во период од три години. Дополнително на тоа, тоа е најголемиот инженерски потфат, поради Стража. Од 33 километри колку што се проектирани, 17 километри се пробиени – рече Николоски и најави дека од март ќе се пробиваат и другите километри.
Вели дека првпат ќе градиме автопат од двете страни.
– Очекувам до 2028 година и тој автопат да биде завршен, што значи дека до крајот на 2028 година Кичево ќе биде средиште на автопатското поврзување на Коридорот 8, што значи дека ќе се патува по автопатско решение и кон соседна Србија, соседна Албанија и соседна Грција – рече Николоски.
Тој најави дека до пролет и тунелите на автопатот Кичево – Охрид ќе бидат пуштени за сообраќај.
– Таму имаме 16 проблематични косини. На две од нив се работи од страната на Кичево, а за другите проектирањето завршува на 1 ноември. До пролет, очекувам и тунелите да бидат пуштени во употреба, а другите делови од автопатот да се пуштаат сукцесивно – рече Николоски.