„Македонски дијалектен атлас (од ризницата на картотеката лексички материјали)“,  издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Македонската академија на науките и уметностите, добитник на државната награда за наука за 2025 година – „Гоце Делчев”, денеска беше промовирано во МАНУ.

Според проф. д-р Веселинка Лаброска, една од главните уредници на изданието, се работи за капитално дело, опис на дијалектите на целата македонска дијалектна територија, и тоа не само во границите на нашата држава, туку и во Егејска и во Пиринска Македонија и во границите на Албанија каде што се зборува македонскиот јазик.

„Имаме обработено 351 пункт, што значи има материјал од толку села, вкупно милион и петстотини илјади прашања или ливчиња што ги имаме во картотеката на Институтот за македонски јазик. Еден дел од нив се обработени и прикажани во овој атлас, значи 50 карти се обработени и прикажани со, барем, 200 видови на различни збороформи и обработени со етимологија. Тоа е заслуга не само на сегашните туку и на претходните соработници, кои работеле на такви карти…, изјави Лаброска.

Академик Марковиќ, исто така главен уредник на изданието, истакна дека најважно во проектот е што првпат група од 16 научни работници од двете научни установи  соработувале неколку години за да излезе ова капитално дело.

Претседателот на МАНУ Живко Попов истакна дека се промовира значајно издание кое е плод на заложбите на основачот на современата македонска дијалектологија Божидар Видоески кој и го почнал и раководел проектот за атласот и по кого денес е именуван Истражувачкиот центар за ареална лингвистика во МАНУ.

Според директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, научниот свет добива „грандиозно дело и траен етнографски документ за колективната меморија на Македонците и сведочи за традицијата, народните обичаи, сфаќањата, верувањата и вербата“.

Објавувањето на ова дело во 2025 го финансирало Министерството за култура и туризам преку Институтот за македонски јазик, како носител на проектот, а Министерството за образование и наука, од 1961 до денес го финансира Одделението за дијалектологија и „Македонскиот дијалектен атлас“ како проект од национално значење.

Изданието е објавено и во дигитална форма на веб-порталот Дијалектни ресурси на македонскиот јазик.

ИЗДВОЕНИ