Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, во интервју за веб-сајтот на Македонската тениска федерација, зборуваше на повеќе теми, откри кој ѝ е омилен турнир во кариерата, се осврна и на четирите грен-слем турнири, како и на тоа дека дамите во спортот се во подредена улога, особено во Македонија.
Во својата кариера, Лина Ѓорческа има одиграно повеќе од 100 финалиња во сингл и во двојки и освоено повеќе од 50 трофеи. Таа е дефинитивно наша најуспешна тенисерка на сите времиња, во женска, но и машка конкуренција.
– Првиот турнир на кој победив ми е омилен. Добро ја паметам првата освоена титула во 2012 година. Турнирот беше со награден фонд од 10.000 долари, за мене, прв професионален. Бев прва во квалификациите, но се откажа една тенисерка и така влегов на главниот турнир и го освоив трофејот. Се играше во Арад, Романија, имав 17 години. Важен турнир ми беше и оној што го освоив во Куршумлиска Бања (септември 2023), од рангот В40. Триумфот на тој турнир ми овозможи да бидам дел од Австралија опен во 2024 година.
Грен-слем турнирите се нешто поразлично од сè друго. Многу терени, сè е некако големо и сè функционира совршено, а има изобилство од натпреварувачи, тренери, организатори, публика… Некако, на Австралија опен публиката е посебна и, пред сè, навивањето и поддршката што ја добиваме на теренот. И, секако, кога и да можам во иднина, би ги посетила сите четири турнири. Тука беше и најнезаборавниот момент во кариерата, во Мелбурн, на Австралија опен, во 2017 година. Се навиваше, беше извонредно, а притоа, во текот на мечот, се здобив со сериозна повреда – скршеница на раката. Но, тоа искуство ќе го паметам и по добро и по лошо – вели Ѓорческа.
Таа смета дека дамите во спортот се во подредена улога, особено во Македонија.
– Во Македонија ,во секој спорт, мажите се фаворизирани, како во федерациите така и во медиумите. Нема промени за родова еднаквост, ништо не се менува. Дефинитивно многу повеќе се зборува и пишува за машкиот спорт отколку за настапите на жените. Пример, ретко кој знаеше дека Македонија имаше претставничка на четирите грен-слем турнири. Ме прашуваа каде настапувам. Во Париз. Е па, супер, како да е секојдневие Македонија да има тенисерка на Ролан Гарос. Како споредба, ако игра некој фудбалски клуб во Лигата на шампионите против Реал Мадрид, ќе се зборува многу, многу повеќе – кажа тетовката.
Најдобрата македонска тенисерка откри и дека размислувала да се повлече од тенисот.
– Во тинејџерските години, многу пати сакав да се откажам. Сакав, како сите на мои години, да се дружам со другарките, да излегувам (на родендени, на забави)… Сепак, голема поддршка имав од татко ми, поранешен спортист професионалец (одбојкар). Не ме форсираше, но ми го покажуваше вистинскиот пат во спортот, да не беше тој, можеби и ќе се откажев.
Ѓорческа ги откри и своите идоли во машкиот и во женскиот тенис, а тоа се две од најголемите имиња во овој спорт.
– Немам тениски идол, но некако Серена Вилијамс ми беше омилена тенисерка, имаше доминација секогаш кога беше на терен. Од машкиот тенис, тоа беше Надал, затоа што секогаш беше борбен, едноставно гинеше на теренот – откри Ѓорческа.












