Во Македонија се случуваат 13 прекини годишно во снабдувањето со електрична енергија, што е шест и пол часа по глава на жител. Пред нас е само Албанија, каде што годишно има по 39 прекини, што е околу 66 часа по човек. Овие две европски држави од Западен Балкан се на врвот од неславната листа во Евроазија според прекините на електрична енергија.

„Еуроњуз“ објави дека минатото лето Албанија била погодена од голем прекин на струјата, заедно со други балкански земји: Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Во првите десет на листата се и Бугарија, на петтото место, со околу шест часа прекин и Хрватска со околу четири часа.

Грузија и Ерменија, исто така, се соочуваат со чести, долготрајни прекини, вкупно меѓу шест и седум часа годишно, со повеќекратни прекини по клиент.

Третата најголема економија во ЕУ е Италија, која е 13. место од 38 рангирани земји со речиси два прекина годишно. И покрај тоа што има една од најсигурните енергетски мрежи во светот – со речиси 100-процентен континуитет во снабдувањето, Норвешка се наоѓа на 15. место.

– Оваа северноевропска држава е во опасност да биде погодена од екстремни временски услови, што ќе резултира со обилни врнежи од снег и со паѓање на улиците – пишува „Еуроњуз“.

Најсигурно снабдување со електрична енергија има во Швајцарија, каде што речиси и да нема прекини (само 0,19 во просек годишно).

Со цел да се подобри снабдувањето со електрична енергија, македонскиот дистрибутивен систем-оператор „Електродистрибуција“ соопшти дека во првата половина од годинава инвестирал 30 милиони евра во проекти на високонапонско, среднонапонско и на нисконапонско ниво.

– Преку овие инвестиции, „Електродистрибуција“ обезбедува соодветен развој на дистрибутивната мрежа и намалување на загубите, следејќи ги потребите на корисниците, обезбедувајќи соодветна техничка и стручна подготвеност, брзо и ефикасно приклучување на новите корисници на мрежа и квалитетна услуга на постојните. Континуираните инвестиции придонесуваат за намалување на техничките загуби, подигнувајќи го нивото на ефикасност на целиот систем. Посветеноста на „Електродистрибуција“ за создавање модерна и ефикасна дистрибутивна мрежа е од особена важност. Со тоа се овозможува сигурно и непречено снабдување на корисниците и е темел за идниот економски развој на земјата – велат од „Електродистрибуција“.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ