Во Македонија ќе се произведуваат елементи за бела техника, нова инвестиција од 50 милиони евра

Во Македонија ќе се произведуваат елементи за бела техника. Викендов стартуваше изградбата на турската „Шахтерм“ во ТИРЗ Скопје. Планот е да се инвестира во 2 фази. Првата фаза предвидува инвестиција од 25 милиони евра и 200 вработувања, а вкупно вредноста треба да достигне 50 милиони и 500 вработувања. Ова е прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Турција

35

Во ТИРЗ Скопје викендов беше поставен камен-темелник на фабриката на турската компанија „Шахтерм“. Вредноста на инвестицијата е 50 милиони евра, предвидена е изградба на објект со површина од над 13.000 квадратни метри, како и отворање 500 работни места. Инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе биде прв производствен капацитет на „Шахтерм надвор“ од Турција.

-Ова е проект што не само што ја развива економијата, туку и ја потврдува стабилноста и напредокот на нашата земја, со што ќе придонесе за зајакнување на македонската индустрија и извоз. Последните економски показатели се охрабрувачки. Индустриското производството во март 2025 година е пораснато за 5,2% на годишно ниво споредено со март 2024 година. Странските директни инвестиции за 2024 година достигнаа 1,255 милијарди евра, со што Македонија ја направија земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во Европа. Инфлацијата во март месец е под 3%, 2,7%, а во април е 2,6% на годишно ниво. И можам да заклучам со сите овие економски показатели, параметри Македонија е на добар пат да биде во најбрзо растечките економии во Европа, истакна премиерот Мицкоски на поставувањето на камен-темелникот на „Шахтерм“.

Мицкоски се заблагодари на директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, на амбасадорот на Република Турција во Македонија, Фатих Улусој, како и на членовите на Владата и на сите институции за нивната посветеност, професионалност и огромен придонес во реализирањето на овој проект.

„Сакам да се заблагодарам и на сопственикот на компанијата „Шахтерм“, инвеститор во овој преубав објект којшто за неколку месеци од денес ќе биде реалност, затоа што ја препозна нашата земја како дестинација во којашто може да го развива својот бизнис и заедно да освојуваме нови пазари и нови континенти. Денес поставуваме камен-темелник не само на една фабрика, туку и на нова иднина. За Македонија која работи, се развива и напредува“, порача Мицкоски.

Според потпишаниот договор меѓу Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Шахтерм, вредноста на инвестицијата е 50 милиони евра, предвидена е изградба на објект со површина од над 13.000 квадратни метри, како и отворање 500 работни места. Инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе биде прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Турција.

Компанијата „Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, Шахтерм е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.

Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како: „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Канди“.

Инвестицијата на компанијата „Шахтерм“ само во прва фаза ќе изнесува 25 милиони евра со 200 нови работни места, додека планот е инвестиција да изнесува 50 милиони евра и бројот на вработени се планира да биде над 500.

ИЗДВОЕНИ