| Најзасегнати се мажите над 60 години, но ниту децата не се поштедени |
Во нашата држава има околу 5.000 нови случаи на мозочен удар годишно и спаѓаме во земји со средна инциденција и преваленција. Тоа значи дека има 200 до 300 мозочни удари на 100.000 жители, а преваленцијата изнесува 500 до 600 на 100.000 жители. Ниту една возраст не е поштедена од мозочен удар, значи може да се појави и во детската возраст, изјави проф. д-р Анита Арсовска, шеф на одделот за ургентна неврологија при Универзитетската клиника за неврологија, каде што на граѓаните вчера им се вршеше бесплатен доплер на каротидни артерии во рамки на отворениот ден на Клиниката, а по повод 29 октомври, Светскиот ден на мозочниот удар.
Таа рече дека кога некој има мозочен удар, многу е битно времето и брзото препознавање на симптомите и на знаците, односно одземен говор, искривување на лицето, парализа на едната страна од телото, односно на раката или на ногата, и пациентот треба најбрзо што може да се донесе во најблиската здравствена установа, односно на Клиниката за неврологија, каде што, доколку се работи за исхемичен мозочен удар, во првите три до четири и пол часа од почетокот на симптомите може да се аплицира интравенска тромболиза, а тоа е средство за разбивање на тромбот. Во некои случаи, појасни таа, може да има главоболка, нестабилност, проблеми со гледањето и слично.
На Клиниката ги третираат и случаите на возраст над 14 години и тие се нивни најмлади пациенти.
– Мажите на возраст од 60 до 69 години се позасегнати, но како што се зголемува возраста, жените почесто страдаат од срцеви заболувања и атријална фибрилација, така што во повозрасната група жените се позасегнати за добијат мозочен удар. Споредено со последните неколку години, не може да се каже дека е поместена границата, меѓутоа е интересно тоа што класичните фактори на ризик се присутни и кај помладата популација на возраст под 45 години, истакна д-р Арсовска.
Факторите на ризик за мозочен удар може да се поделат во две големи групи, а тоа се модификувани и немодификувани фактори, на кои не може да се влијае, но може да се влијае на зголемениот крвен притисок, кој е најчест причинител за мозочен удар, зголемите вредност на шеќер во крвта, маснотии, заболувањата на срцето, крвните садови, пушењето, стресното живеење, аерозагадувањето.
– Сите овие причинители можеме да ги спречиме и повеќе од 90 проценти од мозочните удари може на ваков начин да се превенираат, истакна Арсовска.
Министерот Алиу рече дека здравствениот систем не го гледаат само како систем за лекување, туку и како систем за превенција, и затоа ваквите денови посветени на прегледи за превенција од различни болести се многу битни и сакаат заедно да имаат интеракција со граѓаните со цел да ги информираат и да ги едуцираат како побрзо да се препознаат симптомите за таков тип заболувања, каков начин на живеење, каква и исхрана и какви активности треба да имаат за да се избегнат.












