Домашните, а особено странските сопственици на електрични возила имаат голем проблем да го наполнат својот автомобил со струја, затоа што стотината полначи за цела Македонија не се доволни за растечкиот тренд на овие еколошки превозни средства. Според достапните податоци, во Македонија има стотина јавни полначи или тоа е 5,5 јавни полначи за електрични возила на 100 илјади жители. Имајќи предвид дека од околу 600 илјади регистрирани возила, само 700 се електрични, се доаѓа до следнава пресметка: дека има околу 7 возила на еден полнач, што е недоволно. Неможноста да се наполни возилото создава фрустрација кај сопствениците на електрични возила во нашата земја, и тоа е една од причините да го одложат купувањето на ваков тип возило.

Од Министерството за транспорт и врски вчера објавија дека е потпишан договор со Европската банка за обнова и развој за грант од 350 илјади евра за обезбедување техничка помош за изработка на национална стратегија за полнење на електричните возила и за инфраструктура, прва од овој вид во Македонија, што ќе овозможи стратешки пристап кон развојот на патната инфраструктура за поддршка на воведувањето електрични возила во патната мрежа

 

Домашните, а особено странските сопственици на електрични возила имаат голем проблем да го наполнат својот автомобил со струја, затоа што стотината полначи за цела Македонија не се доволни за растечкиот тренд на овие еколошки превозни средства што не ја загадуваат околината.

На социјалните мрежи се споделуваат искуства на возачи на електрични возила, кои забележуваат дека, покрај недостигот на полначи, недоволен е и бројот на паркинг-места за автомобилите за да се наполнат со струја. Често пати, овие паркинг-места се узурпирани од возачи што возат конвенционални возила, што е многу сериозен проблем за сопствениците на електрични возила, кои мораат да ги молат да ги тргнат возилата.

Поради тоа, домашните сопственици ги полнат своите автомобили дома, но потешко е за странските. Тие се соочуваат и со проблемот што на местата каде што има бесплатни полначи од „ЕВН Македонија“, треба да се поседува и картичка, која може да се добие со барање до компанијата, приложено со фотокопија од сообраќајната дозвола. А за оние што поминуваат транзит низ нашата земја, тоа е голем проблем.

Според достапните податоци, во Македонија има стотина јавни полначи или тоа е 5,5 јавни полначи за електрични возила на 100 илјади жители. Ако се направи споредба дека во земјава има околу 190 бензински пумпи и секоја од нив има во просек по 6 индивидуални пумпи, што е вкупно 1.140 точки за полнење гориво, значи дека има 62 пумпи за гориво на 100 илјади жители. Имајќи предвид дека од околу 600 илјади регистрирани возила, само 700 се електрични, се доаѓа до следнава пресметка: дека има околу 7 возила на еден полнач.

Во Европската Унија, како стандард, е поставено на секој 60 километри да има по еден брз полнач. Неможноста да се наполни возилото создава фрустрација кај сопствениците на електрични возила во нашата земја, и тоа е една од причините да го одложат купувањето на ваков тип возило. Оттука и постојаните реакции дека државата не презема ништо околу инфраструктурата за нив, како и за унапредување на условите за развој на овие возила.

Од Министерството за транспорт и врски вчера објавија дека е потпишан договор со Европската банка за обнова и развој за грант од 350 илјади евра за обезбедување техничка помош за изработка на национална стратегија за полнење на електричните возила и за инфраструктура, прва од овој вид во Македонија, што ќе овозможи стратешки пристап кон развојот на патната инфраструктура за поддршка на воведувањето електрични возила во патната мрежа.

– Во овој момент, во тек е постапка за избор на консултант (се очекува да биде избран на крајот од јули, почетокот на август), кој ќе има задача да креира, во две фази, подготовка на стратегија за електричните возила и акциски план со приоритетни активности и рокови што треба да бидат одобрени од Владата, преку Министерството за транспорт и Европската банка за обнова и развој – соопштуваат од Министерството за транспорт.

Покрај консултант, во изработката на стратегијата и на акцискиот план ќе бидат вклучени домашни и меѓународни експерти од областите на експертиза на електричните возила, енергетската ефикасност, транспортот и екологијата.

Лобистите за традиционални возила често пати, како изговор, го користат фактот дека иако електричните возила користат струја како погонско гориво, сепак, за да се произведе таа струја, се троши јаглен или нафта и се загадува животната средина. Додека, пак, сопствениците на електрични возила посочуваат дека имаат алтернатива да не ја загадуваат животната средина со поставување фотоволтаични панели на покрив, дека со таа чиста струја ќе го полнат возилото без пари и нема да загадуваат, а сопствениците на конвенционални возила ја немаат таа можност.

Европската Унија проценува дека до 2030 година, дури 30 проценти од сите возила во ЕУ ќе бидат електрични. Тоа ќе доведе до голем скок во потрошувачката на електрична енергија и, сигурно, таа нема да биде само од обновливи извори како што се соларната енергија, хидроенергијата или онаа од ветропарковите.

PlugShare“ е една од најдобрите апликации за пронаоѓање полначи за електрични автомобили низ светот и во Македонија

Иако бројот на полначи кај нас сè уште е мал, апликацијата „PlugShare“ ги содржи речиси сите јавни полначи во земјава, вклучувајќи ги полначите во Скопје во „Сити мол“ и во „Ист гејт мол“, како и поставените полначи на ЕВН. Апликацијата овозможува навигација директно до станицата, преку „Google Maps“, „Apple Maps“ или преку „Waze“.

 (С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ