По неколку месеци релативна стабилност на цените, инфлацијата во Македонија повторно забрзува. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во мај 2025 година годишната инфлација изнесува 3,3 проценти, што е значително зголемување во однос на април, кога беше на ниво од 2,6 проценти. Најголемиот удар врз џебот на граѓаните го задаваат рестораните и хотелите, каде цените се зголемени за 7,8 проценти во однос на истиот месец лани. Веднаш зад нив е категоријата храна и безалкохолни пијалаци, која бележи годишен пораст од 4,1 проценти.
Во месечна споредба, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во мај, споредено со април, изнесува 1,5 проценти. Ова е највисока месечна стапка за оваа година. Од друга страна, цените во транспортот се намалени за 3,6 проценти, што е единствената ставка со поголем пад, додека рестораните и хотелите имаат симболично намалување од 0,2 проценти на месечно ниво. Цените за комуникации се снижени за 0,1 процент, а трошоците за образование остануваат непроменети.
Кога се следи индексот на цените на мало, тој во мај 2025 година е повисок за 1,6 проценти во однос на мај 2024 година. Посебно загрижувачко е зголемувањето на цените кај земјоделските производи за 7,6 проценти, а следуваат прехранбените производи со пораст од 5,3 проценти, и индустриско-прехранбените со 4,5 проценти. Индексот на цените на мало во мај во споредба со април достигна 100,2 проценти што укажува на постепен пораст во повеќето категории производи.
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, пред два дена уверуваше дека нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи, освен кај сезонски производи кои не спаѓаат во делот на основните прехранбени производи.
-ДПИ треба до Владата да ја достави информацијата за вонредните контроли во мај и за тоа како се движеле цените по завршување на мерката. Од она што усно ме информираше директорот на ДПИ, немаме драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи, само на производи кои се сезонски, но тие не спаѓаат во делот на прехранбените основни производи, истакна министерот.
Се очекува ДПИ да го достави официјалниот извештај за спроведените инспекциски контроли во текот на мај и за тоа колку трговците ја почитуваат одлуката за транспарентност и објавување на цените на производите на нивните веб-страници.