Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги финализира административните проверки на апликациите пристигнати по јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија, за ранливите категории домаќинства во 2025 година.

– Досега се пристигнати и првично прегледани вкупно 745 апликации од двете категории корисници. За домаќинства со деца со попреченост, пристигнати се 488 апликации, од кои 344 ја имаат доставено потребната документација, а 144 се одбиени по различни основи. За згрижувачките семејства, пристигнати се 257 апликации, од кои 110 се со уредна документација, а 102 се одбиени. Комисијата што ја спроведува постапката веќе е во завршна фаза со разгледувањето на другите апликации, по што ќе следува дополнителна проверка на податоците со УЈП, Министерството за труд и социјална политика и „ЕВН Хоум“ – велат од Министерството за енергетика.

Во јуни 2025 година да бидат објавени конечните списоци за двете категории домаќинства, по што ќе започне исплатата на субвенциите. Согласно со Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година, секое домаќинство што ги исполнува критериумите ќе добие субвенција од 1.000 денари месечно за покривање на дел од трошоците за електрична енергија, во траење од 12 месеци.

– Оваа финансиска поддршка е дел од заложбата на Министерството за системска и правична помош на ранливите семејства, со јасно одредени мерки што директно ги намалуваат енергетските трошоци на најзагрозените категории граѓани – истакнуваат од Министерството за енергетика.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот енергија, во март 2025 година, бележи значителен раст од 13,8 % во однос на тој месец претходната година. Особено позитивен е растот од 12,9 % во групата снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, што претставува силен показател за стабилноста и динамиката во енергетскиот сектор.

– Со усвојувањето на новиот Закон за енергетика, се очекува да продолжи ваквиот позитивен тренд и во наредниот период, преку интензивирање на инвестициите во обновливи извори на енергија, модернизација на мрежата и развој на батериските системи за складирање електрична енергија. Законот предвидува јасни механизми за поддршка на енергетските проекти, што ќе придонесе за одржлив раст и за долгорочна енергетска сигурност – истакнуваат од Министерството за енергетика.

Во периодот што следува, приоритет ќе биде реализацијата на проектите што значат поголема енергетска независност и стабилност на системот. Новата законска рамка ќе овозможи поинтензивна интеграција на обновливите извори, поефикасно управување со мрежата и поголема заштита на правата на потрошувачите.

 

 

ИЗДВОЕНИ