Мирис на изгорена пластика повторно ги разбуди кумановци, кои реагираат до надлежните да се фатат сторителите кои им го загадуваат воздухот. Граѓаните од месната заедница „Панче Пешев“ Куманово, одржале состанок на кој било разговарано за проблемите што ги предизвикува речиси секојдневното палење на отпад, смет, шут, гуми, на потегот над нивната урбана заедница од Спомен-костурницата сè до влезот на населбата „Перо Чичо“.

Во изјава за медиумите, жителите на „Октомвриска револуција“ посочија дека постојано дишат загаден воздух, немаат можност да отворат прозорци, не можат да излезат и да се дружат во населбата, укажувајќи дека несовесното однесување на  поединци го отежнува нормалното живеење во урбаната заедница. Благо подобрување, велат граѓаните, има по одржување на Кризниот штаб.

Проблемот со опожарување на површини беше тема и на состанокот на Кризниот штаб на општина Куманово од каде произлегоа повеќе заклучоци, меѓу кои и интензивна соработка на општинските и државните институции за да се спречат пожарите во урбаните заедници во Куманово, формирање мешани тимови кои ќе патролираат на најкритичните места каде што речиси секојдневно има пожари, интензивно чистење на „дивите“ депонии на овој потег, поставување на големи садови за смет…

Градоначалникот Максим Димитриевски на последната прес-конференција ги повика граѓаните да споделуваат видеоматеријал и фотографии од прекршителите и да ги испраќаат до Општината.

Според податоците на Противпожарната единица – Куманово, дури една третина од пожарите во јуни биле на потег од „Доне Божинов“, Спомен-костурница, сè до влезот на населба „Перо Чичо“.

Според истражувањата изработени преку проект, во Куманово се дефинирани шест извори на загадување: согорувањето на биомаса, сообраќајот, согорување на оган на отворено и отпад, согорување на мазут и нафта, со најмал процент е минерална прашина и секундарните аеросоли.

На изгорено ѓубре и пластика мириса и низ Струмица. Од Здрава котлина велат дека пожарникарите се постојано растрчани и гаснат диви депонии.

– Се гори отпад за отпаден метал и за ова сите знаат, зборуваат и сведочат. Криминалците разнесуваат метална суровина со комбиња, ја палат и се повлекуваат додека да помине огнот за да го соберат металот и понатаму да го продадат на откупците за пари. Целиот метал од ова горење завршува во неколку фирми и ова е огромен бизнис тежок преку 12 милиони евра секоја година. Сето ова досега е организиран криминал и изгледа дека е заштитен од институциите преку злоупотреба на службена должност и низа останати кривични дела на функционерите. Ова наликува како борба со ветерници – нагласуваат од Здрава котлина.

ИЗДВОЕНИ