Нашето драго Куманово и овој август, поточно на 21. повторно ќе се „тумба“, шегобијно кажано. Затоа што станува збор за фестивал на шегобијни песни, кој по правило се одржува на Градскиот плоштад и кој, по некое непишано правило, е исполнет до последното место. Нели, влезот е слободен.
Оваа година, публиката ќе има можност да ужива во дваесет нови композиции, да си пее певливите рефрени, меѓу другите, и со: Ѓоко Ѓорчев, Кате Брзева со „Соната“, Јованка Јо, Нино Величковски, Раде Рогожаров, Боби Амадеус… создадени и снимени во неколку студија во Македонија, а потпишани од врвни фолк и поп-композитори и текстописци. Овој популарен македонски фестивал продолжува со својата практика да се пее, освен на кумановски, и на други македонски дијалекти. Така, и на кавадаречки.
Песната „Пазарџии“ ја компонираше познатиот автор Ристе Тушевски. A, Раде Рогожаров и „Амигоси“ ќе го пренесат до сите нас тој кавадаречки шегобиен начин на живеење. Вешков, авторот на текстот при тоа, коментира дека инспирацијата за песната ја нашол во кавадаречкиот пазарџија по име Зоран Еленов. Сето тоа ги освои симпатиите на Ристе Тушевски, па направија одлична комбинација за годинашниот настап на „Тумба-фест“.
– Но да не ги откривам деталите. Дојдете во Куманово на 21. август, нема да се каете, одлично ќе се забавуваме – порачува Вешков.
Водители на овој фестивал ќе биде харизматичната актерска двојка Горан Илиќ-Гиле – Кети Дончевска-Илиќ. Со својот водителски шарм, тие ќе ја направат атмосферата уште пооригинална. Инаку, фестивалот ќе може да се следи и директно, преку фреквенцијата на телевизија „Сител“. Организатор е Здружението „Етноризница“ од Куманово, а фестивалски директор е господинот Драган Јаким. (Д.М.)