Најнов глобален проблем стана недостигот на пилоти, наспроти растечкиот авиосообраќај. За да ги задржат, мноштво авиокомпании им нудат на пилотите подобри услови за работа, дури се оди и на тоа да се подигне возраста за пензионирање од сегашните 65 на 67 години.
Иако многу индустрии ја прифаќаат идејата за користење на вештачката интелигенција за забрзување на работните процеси, експертите велат дека авиокомпаниите сè уште се држат до пилотските кабини. Тие не се сомневаат дека вештачката интелигенција ќе го направи воздушниот сообраќај поефикасен во однос на заштедата на време и на потрошувачката на гориво, но нема да ги замени луѓето
Авионот и натаму е најбрзото средство за превоз, поради што интересот за негово користење од страна на патниците и натаму расте, но летањето со него станува навистина комплицирано. Сè повеќе се зголемуваат безбедносните контролни пунктови на аеродромите, чии системи почесто се цел на сајбер напади. Сè почесто слушаме за штрајкови во авиокомпаниите, за откажани летови, за загубен багаж.
Најново е што има недостиг на пилоти и тоа веќе станува глобален проблем. За да ги задржат, мноштво авиокомпании им нудат на пилотите подобри услови за работа, дури се оди и на тоа да се подигне возраста за пензионирање.
Во текот и по пандемијата на коронавирусот, обуката на пилоти беше прекината, бидејќи авиокомпаниите одлучија да почекаат и да видат што ќе направи пандемијата со туризмот. Денес, кога закрепна воздушниот сообраќај, има застој во обуката. Во исто време, пандемијата беше причина за предвремено пензионирање на голем број постари пилоти.
– Ова значи дека авиокомпаниите сега мора истовремено да го компензираат бранот на пензионирање и да најдат повеќе пилоти, особено во текот на туристичката сезона, кога се зголемува побарувачката за летови. Бидејќи обуката на пилоти трае долго, ќе бидат потребни години за да се нормализира ситуацијата – вели Кристоф Клингенберг, експерт за управување со авиокомпании и аеродроми на Универзитетот во Вормс во Германија, за „Дојче веле“.
Само во САД, секоја година во текот на следната деценија ќе се создаваат околу 18.200 работни места за пилоти во авиокомпаниите и комерцијалните авиони, и тоа се повеќе од 180.000 нови работни места за пилоти.
Иако искусните пилоти можат многу да заработат, влегувањето во пилотската кабина е долго и скапо патување. Во САД, обуката за пилоти може да чини повеќе од 100.000 долари, износ што ќе обесхрабри некои што сонуваат за оваа професија.
Неодамна, многу големи и регионални авиокомпании ги зголемија платите на пилотите, со цел да привлечат повеќе заинтересирани, но и да ги задржат оние што веќе работат за нив. Некои авиокомпании нудат бонуси дополнително, додека други дизајнираат подобри распореди на летовите за екипажите за да им помогнат да балансираат меѓу работата и животот. Сите овие трошоци се одразуваат на цената на авионските билети.
Но, не сите авиокомпании се толку дарежливи. Оваа недела, пилотите на „Луфтханза“ гласаа за штрајк, по неуспешните преговори за пензиските придонеси. Точниот датум на штрајкот сè уште не е објавен.
Пред дваесет години, пилотите на меѓународни авиокомпании беа обврзани да се пензионираат на 60 години, според правилата утврдени од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство. Во 2006 година, возраста за пензионирање беше зголемена на 65 години, поради напредокот во здравствената заштита. Сега, наведувајќи ги недостигот на пилоти и подобрените здравствени стандарди, некои предлагаат зголемување на старосната граница на 67 години.
– Иако многу индустрии ја прифаќаат идејата за користење вештачка интелигенција за забрзување на работните процеси, авиокомпаниите сè уште се држат до пилотските кабини. Не се сомневам дека вештачката интелигенција ќе го направи воздушниот сообраќај поефикасен во однос на заштедата на време и на потрошувачката на гориво, но нема да ги замени луѓето – вели Клингенберг.