Во Кочани се одржа нов „Марш за ангелите“ – родителите со порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите

21

Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.

Денешниот 29-ти Марш за ангелите тргна од Паркот на револуцијата, а заврши пред Основниот суд во Кочани.

Родителите оттаму порачаа дека ако и овојпат не добијат одговор, ќе ги радикализираат своите активности — од мирни маршеви и собири, до масовни протести пред институциите. Нивниот марш, велат, не е само во спомен на децата, туку и против институционалната тишина што, според нив, ја убива правдата по вторпат.

-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ќе сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.

Судењето за трагедијата во која на 16 март загинаа 63 млади лица, а над 200 беа повредени, ќе започне на 19 ноември во големата судница во затворот Идризово. Обвинети се 34 лица и три компании, а во обвинителниот акт се наведени над 1.440 докази и предложени 283 сведоци за сослушување.

ИЗДВОЕНИ