Во Кнесетот се честеа слатки кога се усвои закон за смртна казна за Палестинците

46

Израелскиот Кнесет во прво читање го усвои законот со кој се дозволува егзекуција на палестински затвореници, јавува „Анадолу“.

Законот беше усвоен во понеделник вечерта со 39 гласа „за“ и 16 „против“ од 120 членови на Кнесетот, објави Израелската радиодифузна управа (КАН). На седницата, избувна жестока расправија помеѓу арапскиот пратеник Ајман Одех и крајнодесничарскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, која речиси ескалираше во физичка пресметка.

Законот беше предложен од крајнодесничарската партија Еврејска моќ на Бен-Гвир, а по гласањето беше испратен до комисиите на Кнесетот за подготовка пред второто и третото читање потребни за конечно одобрување. Нацрт-законот предвидува дека „секое лице кое намерно или небрежно ќе предизвика смрт на израелски граѓанин, кога е мотивирано од расизам, омраза или намера да му наштети на Израел, ќе се соочи со смртна казна“ и забранува какво било намалување на казната откако ќе биде изречена.

Бен-Гвир го прослави гласањето со објава на социјалната мрежа „Икс“: „Еврејската моќ создава историја. Дадовме ветување и го одржавме нашето ветување. Законот за смртна казна за терористи помина на прво читање.“ Toj честел слатки во Кнесетот среќен затоа што законот е изгласан.

Групите за човекови права долго време го осудуваат застапувањето на Бен-Гвир за законот, предупредувајќи дека тој конкретно е насочен кон Палестинците и ја продлабочува системската дискриминација.

Одобрувањето доаѓа во време кога Палестинците се справуваат со последиците од двегодишната војна на Израел во Газа, со смртоносни воени напади низ окупираниот Западен Брег. Повеќе од 10.000 Палестинци, вклучувајќи жени и деца, моментално се во израелските затвори, страдајќи од тортура, глад и медицинско занемарување што доведе до смрт на многу затвореници, според израелските и палестинските организации за човекови права.

 

 

ИЗДВОЕНИ