Според времето на градење на клучни инфраструктурни проекти, Македонија може да влезе во Гинисовата книга на рекорди. Пругата кон Бугарија исцртана на хартија пред еден и пол век, почна да се гради во 1994 година, а, според најновите прогнози, треба да заврши во 2031 или во 2032 година, значи цели четири децении. Изградбата на автопатот Кичево – Охрид почна во 2014 година, плановите се да заврши до крајот на 2026 година или на почетокот од 2027 година. Гасоводот почна во 2015 и треба да заврши во 2027 година. Булеварот „Борис Трајковски“ се гради од 2011 година и сè уште не е целосно завршен. Универзална сала беше затворена од март 2015 година и, според најновите прогнози, новиот објект треба да биде готов до крајот на 2027 година, односно по 12,5 години
Кинеските градежници изградија 158 километри пат без ниту еден работник, болница за една недела, хотел од 15 ката за шест дена, а за само пет и пол часа илјада работници сменија шини на пруга во должина од 40 километри. Некој ќе рече, тоа е Кина, најбројната нација во светот и со најмодерна технологија во светот.
Македонија не може да се споредува со ваквите градежни достигнувања на Кина, но според времето на градење на клучни инфраструктурни проекти, слободно може да влезе во Гинисовата книга на рекорди.
ПРУГАТА КОН БУГАРИЈА
Според должината на градење, убедливо на првото место е пругата кон Бугарија, која е планирана уште пред еден и пол век. Нацртана е трасата уште во 1869 година, а почна да се гради во далечната 1994 година и сè уште не е завршена. Пругата кон Бугарија беше големо и помпезно ветување на тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, дека ако победат, ќе го направат тоа. И победија, но ништо не направија. Поминуваа години, се редеа ветувања, се бараа грантови и кредити, но работите беа „турни ме да кинисам“.
Досега е изградена само првата делница од Куманово до Бељаковце, во моментов се гради од Бељаковце до Крива Паланка, а оттаму треба да се гради третата фаза, до границата со Бугарија, при што поврзувањето со пругата од страна на Бугарија ќе биде во тунел што ќе го изградат двете држави заедно.
Во изминативе 31 година имаше неколку прогнозирани рокови за завршување, а најновиот датум го кажа министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, дека е 2031 или 2032 година.
– На 4 ноември, кога ќе завршат сите ограничувања поради изборите, ќе се потпише договорот за заедничка изградба на прекуграничниот тунел на пругата кон Бугарија, како што е договорено во јуни годинава. Бугарија треба да инвестира 1,5 милијарди евра во изградба, реконструкција и надградба на пругата, која оди од Софија, преку Перник, до Ѓуешево и да го изгради делот од Ѓуешево до границата. За делот од Ѓуешево до границата веќе има тендери и она што останува е тунелот, кој претходно, за жал, беше проектиран до половина. Сега ќе се проектира целосно и за таа работа, секако, треба да се потпише меѓудржавен договор. По завршувањето на изборите, кога ќе завршат овие ограничувања, ќе го потпишеме – рече Николоски.
Делницата од Крива Паланка до Бугарија е долга 27,5 километри и таа е ,всушност, најтешката за изведба. Треба да се гради 5 години и вклучува 22 тунела со вкупна должина од околу 9 километри и уште 52 моста/вијадукти во должина од 5 километри. Николоски вели дека на седница на Владата се одобрени некои корекции на оваа траса. Исто така, треба да се изгради и железничка станица во Крива Паланка, како и станица во с. Жидилово. Парите што се потребни за изградба на оваа делница, над 500 милиони евра, се веќе обезбедени: по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој, 149,2 милиони евра како инвестициски гранд од инвестициската рамка за Западен Балкан и 60,2 милиони евра од ИПА 2-програмата на ЕУ.
АВТОПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД
Втор стратешки инфраструктурен проект што се гради е автопатот Кичево – Охрид. Во 2014 година беше фрлена првата лопата и оттогаш автопатот го следеше тежок период и на изградба, но и на решавање на проектните задачи, бидејќи немаше проекти за многу проблеми што се јавија, а многу од нив се проектираа во од и во соработка со Градежниот факултет се наоѓаа најоптималните технички решенија, со цел работите на терен да не запрат.
Цело време се нижеа рокови за завршување, но сегашната Влада зададе краен рок: автопатот Кичево – Охрид да биде пуштен во целосна употреба до првото тримесечје во 2027 година, но делови од него веќе се пуштени за сообраќај. За негово довршување, ќе треба да се прошири и кредитната рамка, бидејќи не биле предвидени пари за стабилизирање на свлечиштата.
Од јули годинава веќе се вози по првите 20 километри (потег од Врбјани до Ботун) од автопатот во должина од 57 километри, а од пред три недели во сообраќај беше ставена и делницата од 17 километри, од Климештани до Охрид. Останува да се сработат уште 5 километри кај Ботун и 17 километри од излезот на тунелот до Кичево до крајот на 2026 година и почетокот на 2027 година. Доколку се почитуваат поставените рокови, овој патен правец ќе биде завршен за 12-13 години и времетраењето на градење, исто така, може да влезе во книгата на Гинисови рекорди. Со право критичарите посочуваат – да се изведувале по два километра автопат годишно од македонската самостојност во 1991 година до денес, автопатот Кичево – Охрид досега ќе бил готов.
Првичната процена беше дека ќе чини 411 милиони евра. Ревизорскиот извештај од минатата година покажа дека за еден километар од автопатот се трошеле по 9 милиони евра. Поради непредвидени работи што се јавувале во текот на градењето, изградбата поскапела за дури 45 %, но се појавиле и куп други причини што го пролонгирале крајниот рок.
ГАСОВОДОТ
Изградбата на националниот гасовод е, исто така, рекордер по градење. Почна во март 2015 година, од кумановско Клечовце и тогаш беше речено дека со него се испишува нова ера во енергетиката, затоа што треба да ги намали трошоците за енергија и на граѓаните и на фирмите. Но, и на овој капитален проект не му се гледа крајот.
На официјалната интернет-страница на ЈП „Номагас“, кое стопанисува со гасоводот, е објавен податокот дека досега се изградени 96 километри магистрален гасовод, а 178 километри се во фаза на изградба. Трасата за магистралниот гасовод Скопје – Гостивар е над 90 отсто завршена уште во 2020 година, а остатокот на недовршената работа се должи на споровите околу експропријацијата, и тоа најчесто поради оспорување на висината на обесштетувањето. При планирањето на проектот, средствата за експропријација не биле испланирани. Изградбата на делницата Скопје – Тетово – Гостивар беше започната пред девет години, но гас низ цевките и натаму нема.
Во моментот се реализира проектот за интерконекторот со Грција, кој е започнат во 2016 година. Трасата на која се гради гасниот интерконектор е во вкупна должина од 66,7 километри и се протега од Гевгелија до Неготино. Се очекува изградбата да заврши во 2017 година и да обезбеди почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно.
БУЛЕВАРОТ „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“
Проектот за реконструкција и проширување на улицата „Борис Трајковски“ на ниво на булевар датира уште од 2011 година и во неколку етапи тесната улица што порано беше синоним за метеж и за нервоза, се претвори во широк булевар со четири коловозни ленти и со други придружни содржини.
Се почна со проширувањето и реконструкцијата на третиот дел од булеварот „Борис Трајковски“ на потегот од фабриката „Стаклара“ до влезот во населбата Пинтија. Вкупната инвестиција е 3,7 милини евра, а реализацијата на проектот е од особено значење за жителите од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани и на сите околни населени места што гравитираат во овој регион.
Претходниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, го започна проширувањето во јуни 2021 година, на делот од крстосницата кај населбата Пинтија до мостот на Маркова Река пред населбата Драчево, во должина од 2.325 метри. Тоа е последната и четврта фаза. По преземањето на власта, актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, неколку пати вршеше увид во проектот. Дури и имаше по некоја градежна машина на терен и по некој работник и се направи мал напредок, но работите повторно запреа и ден-денес оваа клучна сообраќајница не е целосно функционална. За причините за доцнењето на изградбата, Арсовска се правдаше со наводно неплански почеток на градбата, нерешавање на имотноправните односи и со други предизвици, кои таа потоа ги решавала.
Во моментов, околу 35.000 граѓани што го користат булеварот имаат отежнато движење, бидејќи работите се одвиваат бавно, често пати има стеснување на коловозот поради изведба на градежни работи. Движењето е дел по тампон, дел по дупки и за нешто над два километра, граѓаните чекаат асфалт повеќе од една деценија.
УНИВЕРЗАЛНА САЛА
Универзална сала беше затворена во март 2015 година. Реконструкцијата на култната сала што требаше да биде проект низ кој требаше само да се протрча, еден период едноставно запре. Ексградоначалникот Петре Шилегов ја почна првата фаза од реконструкцијата во септември 2021, непосредно пред локалните избори. Се работеше нецел месец, по што со доаѓањето на функција на Данела Арсовска работите беа стопирани и салата две години стоеше разурната и отворена. Арсовска тогаш велеше дека нема да ја гради Универзална оти проектот на нејзиниот претходник не бил безбеден.
Во јули 2023 година, Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура и туризам, кое ги продолжи работите. За 2024 година беа обезбедени 120 милиони денари, а беа предвидени средства и за следните две години.
Mинистерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пред 15-ина дена направи презентација како ќе изгледа новата Универзална сала и најави дека треба да завршат постапките за избор на изведувач и надзор, по што, на почетокот од овој месец би започнала изградбата по системот „клуч на рака“. Тој рече дека плановите се изградбата да заврши до крајот на 2027, а од 2028 година Универзална сала да биде подготвена за програмата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра. Ако сè биде според новиот рок, вратите на новата Универзална сала ќе бидат отворени по 12,5 години.
(С.Бл.)