Во ќелијата на поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Нино Васев пронајдени се три мобилни телефони, за кои тој пред судот изјави дека не се негови. Судијката Славица Наумовска Јосифовска, пред почетокот на денешното судење за случајот Онкологија 2, против Васев и Нехат Нухи за фиктивни тендери и несовесни економско работење, информираше дека Судот добил известување од КПУ Затвор Скопје дека во ќелијата на Нино Васев се пронајдени и одземени три мобилни телефони.
Васев, во однос на пронајдените телефони пред Судот рече дека не е одземен негов телефон.
-Сакам да ве известам дека имаше повеќе контроли. Кај мене не е пронајден и не е одземен мој телефон – рече Васев.
Кривичниот суд во јуни годинава го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година. Според обвинението, тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра. Васев е обвинет и во друг предмет за несовесно лекување на пациенти на клиниката.