Катланово е преубаво место сместено во кањонот на реката Пчиња, кое изобилува со лековити води, кои, според верувањата на луѓето, имаат различна исцелувачка моќ: наводно помагаат за лекување на бубрезите, очите, но и на брачните двојки што немаат деца. Весникот ВЕЧЕР беше денеска во ова волшебно место, а повод беше празнувањето на празникот Света Недела (20 јули) во истоимената црква на карпата надвисната над кањонот

Ако сакате мир и спокојство во чиста природа, далеку од градскиот метеж, ќе ги најдете на само 20 километри источно од центарот на Скопје, во скопско Катланово, место каде што се преплетуваат медитеранската клима од југ и умерената континентална клима од север.

До ова волшебно место се стигнува лесно. Ако тргнете од Скопје кон Велес и на десетина километри по патарината Петровец се исклучите десно од автопатот „Пријателство“ и тесниот пат ве одведе низ селото Катланово, по него ќе ви се отвори магичната клисура на реката Пчиња што изобилува со лековити води, кои, според верувањата на луѓето, имаат различна исцелувачка моќ: наводно помагаат за лекување на бубрезите, очите, но и на брачните двојки што немаат деца.

Повод да го посетиме ова преубаво место е празнувањето на денот на светицата света Недела (20 јули) во истоимената црква на карпата надвисната над кањонот, на самиот лев брег од реката Пчиња, спроти Катлановска Бања. До неа може да се дојде преку пешачкиот мост на реката Пчиња од Катлановска Бања, каде што е последната станица на автобусот „53“ или преку патот Катланово – Градманци (се наоѓа веднаш на неговата лева страна).

Секоја година на 20 јули, во кругот на црквата, се собираат голем број верници од Катланово и од сите околни села од општините Петровец, Илинден и други. Река верници, претежно повозрасни, уште од изутрина се слеваше кон црквата, чиј двор беше претесен да ги прими сите оние што дојдоа да ѝ се поклонат и помолат на светицата, да запалат свеќа за здравје и среќа, но и да се замијат и да наполнат лековита вода од трите чешми во дворот на црквата, именувани по света Недела, света Петка и по Пресвета Богородица. Оваа вода често ја полнат и посетителите на Катлановската Бања за лекување на повеќе болести.

И овој пат беше весело. Додека се служеше литургија во црквата посветена на света Недела, во дворот, верниците на кои овој ден им е домашна слава, молчешкум и со почит трпеливо чекаа да им биде осветена славската погача. Другите, пак, испоседнати на клупите под дебелите сенки, го очекуваа црковниот ручек.

– Секоја година доаѓам на овој ден да ѝ се поклонам на света Недела и да запалам свеќи за здравје на целото мое семејство. Има некоја енергија, некое неопишано чувство од кое ми се насолзуваат очите, што да ви кажам друго? Дојдов со мојата другарка од детството, прв пат е овде, и како мене, воодушевена е од вистинитите настани што ѝ ги кажав, за многуте извори за кои се верува дека излекувале – ни рече Велика од Петровец.

Од дворот на црквата има скали што водат надолу, до уште еден извор. Таму затековме верници што си ги замиваа очите и полнеа шишиња од изворот. Ни рекоа дека е лековита водата и дека ако се замијат очите, наводно го подобрува видот.

Ова е само еден од неколкуте извори што се околу Катлановска Бања. Од некои извори тече студена, а од други топла вода. По кривулестиот тесен пат што води од селото Катланово до Катлановска Бања има уште неколку чешми. На самиот пат, од левата страна има една чешма од која тече смрдлива и лековита вода, за која, оние што ги затековме како полнат од неа, велат дека е добра за стомачни болести и за бубрези. За да наполните вода оттаму, треба да почекате, бидејќи има луѓе со велосипеди и со возила, но често пати и луѓе што доаѓаат пеш и полнат шишиња со вода.

Оттаму вода пијат цело Катланово и поблиските села.

Токму од овој извор тече топла вода, која има непријатен мирис на расипано јајце. Луѓето што ги прашавме дали е безбедна водата за пиење, ни рекоа дека досега никој немал проблеми од неа и дека ако е неисправна, одамна ќе била сопрена чешмата или поставено натпис дека е неисправна. И ние се напивме од водата и не забележавме некакви проблеми.

Сепак, најпозната е водата што истекува од Савина чешма. Петранка од Скопје, која често пати доаѓа во Катланово, вели дека слушнала многу сведоштва на луѓе дека лековитата вода има исцелувачка моќ. Таа ни кажа дека низ годините, луѓе ѝ кажувале дека им поминувала главоболката откако ќе запалеле свеќа до белиот крст под изворот околу кој има икони, ќе се помолеле и ќе се замиеле со водата. Во вирот под изворот се фрлат железни пари, Николина вели за да се „фати лекот“. Водата се пие трипати дневно. Некои ѝ кажале дека им поминала болката во очите, дека исчезнуваат брадавиците ако се мијат со светата вода и дека ги смирува душевно болните. Таа ни рече дека благодарение на Господа и на водата што ја пиела, млада брачна двојка успеала, по години лекување на стерилитетот, да добие своја рожба.

Чешмата е изградена во 1997 година, а изворот го открила една религиозна шеесетгодишна жена додека престојувала во Катлановска Бања. Меѓу луѓето се раскажува случката што вели дека на празникот Петровден, на сон ѝ се јавила света Недела, ѝ подарила крст од камен и ѝ го покажала местото каде што требало да чукне со каменот. Веднаш штом се разбудила, жената со две пријателки од бањата тргнала да го пронајде местото. Жената раскажува оти ѝ се причинило дека ја гледа света Недела како стои на една карпа, и во тој момент го препознала местото што го видела на сон. Се упатила таму и почнала да ги трга камењата и да ја корне тревата. Во еден момент потекла вода, а жената ја загубила свеста и паднала на земја. Двете пријателки што биле со неа, мислејќи дека ѝ се слошило, се вратиле во бањата да бараат помош. По неколку минути, жената се освестила, станала на нозе и немала никакви повреди.

Чешмата се осветува секоја година на празникот Свети Сисоја. Сисоја бил познат како детски лекар. По осветувањето на чешмата, се крши леб, се јаде пченица и се пие вино. Многу семејства на кои им помогнала водата, се пријавуваат да бидат кумови на чешмата. Парите што ги оставаат луѓето во чешмата се носат во црквата „Света Недела“ во Катланово.

Катланово е важен сообраќаен центар, а поради бањските извори, имало големо присуство на луѓе и во минатото. Најверојатно, името на селото е поврзано со зборот „кладенец“, во кој се содржи коренот „лее“ (други примери се зборовите „славина“ и „ливада“), кој се однесува на термалните изводи по кои е позната оваа месност.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ