Гласањето во Јапонија започна утрово на предвремените парламентарни избори, со снежни врнежи низ целата земја за кои се стравува дека ќе имаат негативно влијание врз излезноста, објавија јапонските медиуми.
Актуелната премиерка Санае Такаичи и нејзината Либерално-демократска партија (ЛДП) се обидуваат да ја добијат довербата на гласачите со цел да ги унапредат економските и безбедносните политики со својот нов коалициски сојузник, Јапонската иновативна партија (ЈИП), објави новинската агенција Кјодо.
Санае Такаичи, која стана првата жена премиер во Јапонија минатиот октомври, вети дека веднаш ќе поднесе оставка од функцијата премиер доколку коалицијата не успее да обезбеди мнозинство во моќниот Долен дом на Јапонија.
Близу 1.300 кандидати се натпреваруваат за 465 парламентарни места на изборите во 11 регионални блока низ целата земја.
ЛДП, предводена од Такаичи, и нејзиниот коалициски партнер, ЈИП, вложуваат заеднички напори за да освојат мнозинство во Долниот дом на јапонскиот парламент, а анкетите на јавното мислење покажуваат дека коалицијата би можела да постигне убедлива победа, објави претходно новинската агенција Кјодо.
Јапонија ги одржува вторите предвремени избори за Долниот дом за помалку од една година, а анкетите покажуваат дека владејачката партија на премиерот би можела да постигне убедлива победа и да го врати стабилното мнозинство.
Покрај ЛДП и нејзиниот коалициски партнер, на изборите се натпреваруваат и Центристичкиот реформски сојуз – нова коалиција на Уставната демократска партија на Јапонија и партијата Комеито, Демократската партија за народот (DPFP/DPP) – опозициска партија која се фокусира на социјалните и економските прашања, Јапонската комунистичка партија (JCP) и ултраконзервативната партија Сансеито.
Конзервативната партија на Јапонија, Реива Шинсенгуми, помала прогресивна опозициска група, Социјалдемократската партија, помала левичарска партија, движењето Тим Мираи и новоформираната партија фокусирана на намалување на даноците, Јапонската алијанса за намалување на даноците и татковина.
Според најновите анкети, ЛДП и ЈИП би можеле да освојат повеќе од 300 од 465 места, давајќи му на владејачкиот блок двотретинско мнозинство и контрола врз парламентарните комисии, дозволувајќи му на Такаичи да го заобиколи отпорот на опозицијата во горниот дом на парламентот.
Такаичи ги распиша предвремените избори само 16 месеци по претходното гласање, обидувајќи се да го искористи порастот на поддршката откако ја презеде партиската власт во октомври.
Список! Еве кој дојде да ја земе неа и нејзиното бебе од болницата, еве ги деталите
Кампањата траеше само 16 дена, најкратко од Втората светска војна, што аналитичарите го гледаат како стратегија за зачувување на моменталниот моментум на ЛДП.
Изборите се одржуваат според мешан систем: 176 пратеници се избираат пропорционално, а 289 во едночлени изборни единици според мнозинскиот модел.












