Управата за јавни приходи информира дека завршил процесот на регистрација и доброволна дерегистрација (бришење од системот) на даночните обврзници за целите на данокот на додадена вредност (ДДВ), со рок за поднесување на пријавите до 15 јануари 2026 година. Во текот на јануари биле регистрирани вкупно 1.199 даночни обврзници во системот на ДДВ, за што се донесени исто толку решенија за задолжителна и доброволна регистрација, додека кај 231 обврзник е извршена доброволна дерегистрација и се донесени соодветни решенија.
Од УЈП потсетуваат дека во решенијата за регистрација е наведен датумот од кога започнува обврската за пресметување ДДВ, како и даночниот период за поднесување на пријавите, кој може да биде месечен или тримесечен. Новите ДДВ-обврзници што користат фискална каса се должни веднаш да ја ажурираат опремата кај овластен сервисер, со внесување на доделениот ДДВ-број и на соодветните даночни стапки.
– Со стекнувањето статус ДДВ-обврзник, тие имаат обврска да издаваат фактури со посебно искажан ДДВ и да поднесуваат ДДВ- пријава (образец ДДВ-04) во рок од 25 дена по истекот на даночниот период, при што пресметаниот долг треба да се плати најдоцна до тој рок. Обврзниците што имале пред регистрацијата резерви за натамошна продажба можат, под законски услови, да извршат одбивање на влезниот ДДВ, која се пријавува еднократно во првата ДДВ-пријава – велат од УЈП.
Дерегистрираните обврзници, пак, имаат обврска да извршат исправка на одбитокот на претходниот данок за инвестициски добра и резерви за кои било користено правото на одбиток и да го вратат одбиениот ДДВ, што се искажува во последната ДДВ-пријава.
– И тие се должни да ја ажурираат фискалната опрема со бришење на ДДВ-бројот и на стапките – велат од Управата и апелираат сите даночни обврзници доследно да ги почитуваат законските обврски со цел навремено и правилно исполнување на даночните должности.












