Министерката за финансии, Гордана Димитриеска- Кочоска, вели дека е планирано преку издавањето на новата еврообврзница да се обезбедат околу 950 милиони евра, од кои 700 милиони евра ќе бидат наменети за рефинансирање на еврооврзницата издадена во 2020 година, додека преостанатите 250 милиони евра ќе бидат искористени за буџетско финансирање, како и секоја година.
Државата досега има издадено девет еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени. Во наредните години ќе достасаат за отплата уште три еврообврзници издадени во 2020, 2021 и во 2023 година, во вкупен износ од 1,9 милијарди евра
Министерството за финансии планира да издаде еврообврзница на меѓународниот пазар во текот на јануари 2026 година. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, вели дека е планирано преку издавањето на новата еврообврзница да се обезбедат околу 950 милиони евра, од кои 700 милиони евра ќе бидат наменети за рефинансирање на еврооврзницата издадена во 2020 година, додека преостанатите 250 милиони евра ќе бидат искористени за буџетско финансирање, како и секоја година.
– Постапката за издавање на еврообврзницата е започната. Задолжувањето на меѓународниот пазар преку издавање нова еврообврзница е внимателно испланирано и е во рамките на поставените цели за одржување стабилност на јавниот долг, навремено сервисирање на обврските и обезбедување средства за буџетски потреби – изјави министерката за финансии.
Планирано е да се финансира буџетскиот дефицит делумно преку домашниот пазар, а делумно преку надворешно финансирање, како што е еврообврзницата. Што се однесува до планираните проекции на нивото на јавниот долг, таа посочи дека Владата нема намера да ги измени плановите предвидени со Фискалната стратегија, но дека, секако, треба да се има предвид како ќе се одвиваат работите во наредниот период.
– Заклучно со јуни 2025 година, јавниот долг е на ниво од 58,5 % од БДП, најновиот податок што го имаме во Министерството за финансии, заклучно со јули, покажува ниво од 58,7 % од БДП. Доколку продолжиме со ваквата динамика и доколку се одвива економијата според очекувањата, можно е во 2025 година да не го достигнеме проектираниот јавен долг од 62,1 %, туку тој да биде и понизок – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа најави дека во текот на престојот во САД, на есенските средби на Светската банка и на ММФ, има договорено средби со потенцијални инвеститори.
Државата досега има издадено девет еврообврзници, од кои шест се веќе исплатени. Македонија ја издаде првата еврообврзница во декември 2005 година, во вредност од 150 милиони евра и купонска камата од 4,625 % на 10 години. Втората еврообврзница беше издадена во јули 2009 година, во времето на големата финансиска криза. Издавањето беше поради итна потреба, а не стратешки подготвено и затоа граѓаните платија многу висока камата од 9,88 %.
Третата еврообврзница, со најголема сума од половина милијарда евра, беше издадена во 2014 година. Побарувачката на инвестициските фондови и друштва, банките, осигурителните компании била двојно поголема од понудените 500 милиони евра, односно тие сакале да ја откупат македонска обврзница во износ од 1,160 милијарди евра.
Четвртата еврообврзница беше издадена во 2015 година и тежеше само 270 милиони евра. Со петтата еврообврзница од 2016 година, власта сакаше да прибере 650 милиони евра, но инвеститорите ѝ позајмија 450 милиони. Овие пет еврообврзници беа во вкупна вредност од 1,5 милијарди евра, а половина милијарда беа камати.
Шестата еврообврзница од 500 милиони евра беше издадена во јануари 2018 година. Од Министерството за финансии тогаш информираа дека побарувачката од инвеститорите за обврзницата била над 3,5 милијарди евра, седум пати повисока од понудата. Високата побарувачка овозможи да се постигне каматна стапка од 2,75 % на годишно ниво, односно стапка на принос од 3 %, што е историски убедливо најниска каматна стапка постигната за која било од македонските еврообврзници дотогаш. Во јануари годинава, во целост беше исплатена еврообврзницата од 500 милиони евра земена во 2018 година. Средствата за сервисирање на оваа обврска беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка, со камата од 3,25 %, рок на отплата 15 години и со вклучен грејс-период од три години.
Во наредните години ќе достасаат за отплата уште три еврообврзници издадени во 2020, 2021 и во 2023 година, во вкупен износ од 1,9 милијарди евра. Во 2020 година беше издадена седмата еврообврзница од 700 милиони евра, иако се бараа 800 милиони, со каматна стапка од 3,675 отсто. Во март 2021 беше земена осмата еврообврзница од 700 милиони евра, со рок од седум години и камата од 1,625 проценти. Деветтата еврообврзница беше издадена во февруари 2023 година, на износ од 600 милиони евра.
(С. Бл.)