понеделник, јануари 19, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Во изградбата на автопатите, ангажирани 2130 работници

Во изградбата на автопатите, ангажирани 2130 работници

14

Во изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, во ноември 2025 година биле ангажирани 2131 лице, вработени на изведувачот, на подизведувачи и индиректни даватели на услуги и на специјализираните изведувачи, како и 1290 вкупна опрема, покажува Извештајот од надзорот за прогрес на работите за ноември 2025 година, објавен на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Според Извештајот, во ноември лани на изведувачот му се исплатени 1.149.367.247 денари. Вршени се претежно геотехнички истражувања, проектирање и изработка на технички спецификации за автопат, проекти за експропријација, привремено управување со сообраќајот, уривање и отстранување на постојни објекти и други елементи на патот, како и градежни активности главно за земјени работи, одводнување и објекти.

Извештајот покажува дека геотехничките истражни работи се завршени на првата делница Тетово – Гостивар, а во тек се на Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола. На тие делници, на терен има активности за земјени работи, конструкции и одводнување. За третата делница, Струга  – Требеништа, почната е изработка на студија за оценка на влијанието врз животната средина и социоекономските аспекти (ESIA-Environmental Social Impact Assessment).

Има активности на седум мостови, осум натпатници и три потпатници. Заклучно со крајот на ноември 2025 година, изведени се повеќе од 4,9 милиони кубни метри ископ и 1,45 милиони кубни метри насип. Исто така и 20.500 метри колови, а за конструкции се изведени 63.000 кубни метри бетонски работи. За одводнување се изведени 13.000 кубни метри бетонски работи – покажуваат податоците од Извештајот.

Во текот на 2025 година, на конзорциумот „Бехтел и Енка“ му се исплатени вкупно 147 милиони евра. За годинава, според најавите, се планирани 103 милиони евра.

 

ИЗДВОЕНИ