Новото вино е резултат на директната соработка на италијанскиот новинар и вински експерт, Марко Поцали, со Милчо Манчевски и е дел од концептот „Јажето на 41. паралела“, симболична линија што поврзува различни култури и простори, Истокот и Западот, меѓу кои и Скопје и јужна Италија. Станува збор за ограничено производство на вино 100 % од сортата аглијанико, создадено на падините на Везув, во регионот околу Неапол, на вулканска почва и од органски одгледувани лозја

Реномираниот италијански новинар и вински експерт, Марко Поцали, го претстави новото авторско вино „пред дождот“ (на италијански „прима дела пјоџа“), инспирирано од македонскиот и светски филмски класик на режисерот Милчо Манчевски.

Станува збор за ограничено производство на вино 100 % од сортата аглијанико, создадено на падините на Везув, во регионот околу Неапол, на вулканска почва и од органски одгледувани лозја.

Виното е создадено како посвета на култниот „Пред дождот“, добитник на „Златниот лав“ и на уште девет други награди на Филмскиот фестивал во Венеција во 1994 година, кој во Италија беше и филм на годината и е вклучен во училишното филмско образование, а е и првата македонска номинација за „Оскар“ во 1995 година.

– Филмот „Пред дождот“ ме следи од 1994 година, кога силно ме погоди. Убавината на филмот, кружната порака што ја носи, идејата дека времето никогаш не чека и никогаш не умира, станаа дел од мојот личен и професионален свет – вели Поцали, додавајќи дека проектот не е замислен како комерцијален бренд, туку како авторска соработка што ги поврзува виното, времето и местото.

Новото вино е резултат на директната соработка на Поцали со Милчо Манчевски и е дел од концептот „Јажето на 41. паралела“, симболична линија што поврзува различни култури и простори, Истокот и Западот, меѓу кои и Скопје и јужна Италија.

– Сакав линија што обединува, а не разделува и виното е дел од тоа патување. Како патување, таа линија тргнува од јапонскиот остров Хоншу, минува низ Азија и Медитеранот, со симболична станица во Скопје – родниот град на Манчевски, за да заврши во Нeaпол, под Везув. Токму таму, старите лозја ги впиваат мирисите на морето и минералниот отпечаток на вулканската почва, претворајќи го грозјето во вино со силен идентитет – вели Поцали.

Во оваа приказна, окото на Милчо Манчевски е неопходно, тој го интерпретира виното преку фотографија, објаснува Поцали. Етикетата ќе се менува секоја година и ќе носи една негова фотографија со краток текст. За првата берба, избрана е фотографијата „Гинко“ (2011), која Манчевски ја објаснува: „Ливче фатено во вода, водата фатена во метален квадрат, квадратот фатен во наполу обоен бетон. Суштината на природата опстојува, како во чаша вино“.

Ова е петто вино „пред дождот“ на Поцали, првото е создадено во 2009 година, на Етна, Сицилија, заедно со производителот Салво Фоти, една од најважните фигури во италијанското винарство. Во периодот од 2009 до 2015 година, следуваа второто вино, кое беше создадено во словенечкиот Карст, и третото во Тоскана, со еден од најреномираните винари во светот, Роберто Чипресо. Овие три вина имаа етикети дизајнирани од уметницата Даниела Беати. Четвртото вино беше шампањско произведено во Франчакорта, во Бреша.

Најновото вино моментално одлежува во шише и ќе биде претставено во специјална пригода.

– Ова е вино создадено за споделување, не за масовниот пазар. Проектот „Пред дождот“ останува отворен за идни берби, но секогаш со истиот принцип: ограничено производство, јасен авторски печат и силна врска меѓу виното, времето и местото на неговото создавање – нагласува Поцали.

ИЗДВОЕНИ