Во Ирска се откопува масовна гробница во која калуѓерки закопале речиси 800 новороденчиња

70

Еден век откако ирските калуѓерки почнаа да закопуваат стотици новороденчиња во масовна и необележана гробница, археолози и други експерти денеска почнаа со ископување на локацијата во Туам, округ Голвеј. Се копа површина од 5.000 квадратни метри каде што се верува дека редот Бон Секурс закопал 796 бебиња кои починале во Домот за мајки и бебиња „Света Марија“, меѓу 1925 и 1961 година.

Се очекува операцијата да трае две години и со неа се означува нова фаза во одговорот на Ирска на злоупотребата и занемарувањето на децата во религиозните и државните институции, особено на вонбрачно родените.

Во болницата „Света Марија“ во Туам, таканаречениот дом за мајки и бебиња каде што се породувале млади жени, некои бебиња биле погребани во напуштена подземна септичка јама, пишува „Гардијан“. Немало записи за погребување, а смртните случаи биле игнорирани сè до пред една деценија, кога Кетрин Корлес, локална историчарка, ги открила посмртниците за 796 бебиња. Ова довело до судска комисија, извинување од државата и ветување за ископ на локацијата.

Телата се ископуваат за да се соберат сите човечки остатоци, да се направи обид да се идентификуваат, да се вратат на нивните семејства и достоинствено да се погребаат.

Домот Туам бил затворен во 1961 година и срушен,а на негово место била изградена станбена населба.

ИЗДВОЕНИ