Првообвинетиот поранешниот директор на Клиниката за Онкологија беше донесен од истражниот затвор Скопје, но кратко седеше на обвинителното столче бидејќи судењето се одложи поради болест на неговата колешка, обвинетата Мери Пешевска. Одбраната на обвинетите онколози го оспоруваат вештачењето на обвинителството со кое докажува дека 29 пациенти биле несоодветно лекувани бидејќи вештакот од Словенија го немало во регистерот. Обвинителството пак вели дека медицинската анализа е направена од врвни експерти онколози и несериозно е да се става во прашање довербата од земјите од кои сме побарале правна помош.
Околу 25 оштетени пациенти од несовесното работење на обвинетите лекари во случајот за скандалот на Онкологија, се веќе починати од крцином. На првото рочиште судијката, Снежана Марковска, ги прочита нивните имиња и нареди да бидат повикани на првите судења закажани во септември нивните најблиски да сведочат за лекувањето. Меѓу имињата јавноста препозна поранешен градоначалник на една скопска општина, кој почина од болеста пред неколку години.
Првото судење против обвинетите, поранешниот директор на Клиниката Никола Васев и лекарите Мери Пешевска, Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски се одложи бидејќи една од докториките била болна. Претходно, одбраната на обвинетите реагираше дека ги нема сите медицински досиеја на оштетените пациенти, па обвинителството им ги даде доказите во електронска форма.
Оспорувајќи го вештачењето на обвинителството кое со меѓународна правна помош беше направено од стручни дотори-онколози во Марибор и Белград, бранителите најавија дека ќе направат свои вештачења, не само медицински туку и фармаколошки за лековите кои обвинителството тврди дека не биле соодветни за лекување. Адвокатите реагираат дека името на вештото лице од Словенија го немало во регистерот на вештаци.
-Во овој момент бараме податоци и за вештото лице кое го изготвило вештачењето во Србија, дали го има во евиденцијата на вештаци, јавниот обвинител без разлика на законите во Словенија и Србија морал да се прилагоди на нашите прописи и да инсистира вештачењето да го направи овластено лице, од таа гледна точка обвинението содржи пропусти, изјави адвокатот Владимир Туфегџиќ кој ја брани обвинетата докторка Црвенковска.
Одбраната беспредметно ја оспорува процедурата, а не суштината, секоја правна помош од надвор се бара на база на доверба преку министерствата за правда, им одговори обвинителката Ана Гоговска.
–Еден од принципите на меѓународното право е да имаме доврба од државите од кои бараме правна помош, односно дека доказите се прибавени на законит начин, изјави обвинителката и кажа дека дел од живите сведоци дошле во обвинителството, а дел ќе треба да ги обезбеди судот.
Во Обвинителниот акт стои дека со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил очигледно неподобен начин на лекување и спротивно на тековните онколошки упатства. Со отстапувања во дозирањето и во фазата на лекување, давал лекови од новите генерации со што тешко го нарушил здравјето на пациентите. Адвокатот на второобвинетата Мери Пешева, вели дека од нивната истрага произлегло дека докторката не направила каков било пропуст во лекувањето. Јовица Страшевски се сомнева можни злоупотреби во Клиниката.
-Поранешниот директор Никола Васев, не само што користел логови и печати од други лекари, туку и ставал свои печати на документи од други доктори. Нејасно е зошто од целата клиника се избрани само тројца лекари против кои е покренато обвинение. Очигледно е дека нивните печати и логови се злоупотребени, посочи тој.
Според обвинението, првообвинетиот, Васев како директор на Клиниката, заедно со друг лекар на истот оддел, се товари дека извршил продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни“. Другите двајца лекари се товарат за кривично дело „несовесно лекување болни“. Васев е обвинет и за злоупотреба на службената должност, измама и проневера во службата при набавката на лекови, заедно со поранешниот економски директор. За овој случај сеуште нема обвинение. (П.А.)