Во игра две земји: Тие ја диктираат цената на нафтата!

29

Цените на нафтата паднаа во петокот, но останаа на пат за неделен раст, одразувајќи го напнатото балансирање помеѓу намалената потрошувачка по завршувањето на летната сезона во Соединетите Американски Држави и растечката неизвесност околу руските залихи на глобалниот пазар.

Северноморската сурова нафта Брент за испорака во октомври падна на 68,09 долари за барел, додека американската WTI се лизна на 64,09 долари. Сепак, на неделна основа, Брент е во пораст за 0,6 проценти, а WTI е во пораст за 0,8 проценти, што значи дека пазарот сè уште гледа потенцијал за раст на цените и покрај дневните корекции, објавува Ројтерс.

На почетокот на неделата, цените се зголемија поради од информациите за украинските напади врз руските извозни терминали во Црното Море, што ја доведе во прашање стабилноста на залихите од Русија, еден од најголемите извозници на нафта во светот.

Ситуацијата беше дополнително влошена од изјавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека нема да има директна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, сигнал дека дипломатските канали остануваат блокирани. Следствено, ризикот од долготрајна војна и нови напади врз објектите на енергетската инфраструктура останува висок, и затоа владее нервиза на пазарот.

Од друга страна, крајот на летната сезона на возење во САД, кога потрошувачката на гориво е традиционално највисока, почна да го намалува притисокот врз побарувачката. Аналитичарите предупредуваат дека ОПЕК+ веројатно постепено ќе го зголемува производството по укинувањето на доброволните намалувања, додека глобалната рафинирачка активност влегува во фаза на сезонско опаѓање.

Според проценките на водечките инвестициски банки, ова би можело да ги намали цените, можеби до 63 долари за Брент до крајот на годината, под услов да нема сериозни геополитички превирања.

Политичкиот фактор дополнително го комплицира пазарот. По руските напади врз Киев, веројатноста САД и ЕУ да воведат нови санкции врз Москва се зголемува. Во исто време, Вашингтон силно врши притисок врз Индија да го ограничи или да престане да купува руска нафта, бидејќи Њу Делхи во последните години купуваше околу 40 проценти од своите потреби од Русија, по цени значително пониски од светскиот просек.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги дуплираше царините за индискиот увоз, до 50 проценти, тврдејќи дека Индија му помага на Кремљ да ја финансира војната со препродажба на руска нафта. Неговиот советник Питер Наваро отворено го обвини Њу Делхи за „перење“ на руска нафта, нејзино увезување, нејзино рафинирање, а потоа и извоз на западните пазари, додека Русија заработува милијарди.

Доколку Индија попушти под притисокот на САД и го намали увозот, глобалните залихи би можеле да се намалат за до милион барели дневно, туркајќи ги цените кон 100 долари на краток рок. Ова би ги погодило и земјите во развој, кои се особено чувствителни на скокот на трошоците за енергија.

И покрај притисоците, сите анализи сугерираат дека Индија ќе продолжи да купува руска нафта, бидејќи тоа е единствениот начин да се обезбедат стабилни и достапни извори на енергија за нејзината брзорастечка економија. Санкциите и царините, иако политички значајни, не ја менуваат основната пресметка.

Москва има купувач подготвен да го преземе вишокот залихи, а Њу Делхи има снабдувач кој ѝ обезбедува енергетска безбедност по пониски цени. Затоа, многу аналитичари веруваат дека овој енергетски сојуз меѓу Русија и Индија ќе ги обликува глобалните цени на нафтата во наредните месеци, додека Западот ќе може да влијае на него само преку ограничени регулаторни мерки.

ИЗДВОЕНИ