Во градот Света Недела, кој се наоѓа во непосредна близина на Самобор, одбележан е почетокот на наставата на изборниот предмет Македонски јазик и култура. Иницијативата за отворање на ова училиште беше граѓанска, а иницијатор е професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, која веќе го предава тој предмет во Првата гимназија во Загреб и е претседателка на македонското културно друштво „Охридски бисер“ во Загреб.
Со поддршка од Заедницата на Македонците во Република Хрватска и од претставничката на македонското национално малцинство во Загрепската жупанија, Лена Ѓапиќ, како и со помош од Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска, дојде до реализација и почнување на програмата. Присутните на почетокот од наставата сведочеа на насмевките и исполнетите желби на најмладите, кои уште од почетокот на учебната година со нетрпение го очекуваа тој ден. Самата желба е произлезена од синовите на професорката Брезовец и од пријателите што ги имаат во своето училиште, што е само доказ дека во обичниот живот на Македонците во дијаспората може да се случат убави и важни настани.
На работниот состанок, кој се одржа минатата недела, во училиштето во Света Недела, присуствуваа и: македонскиот амбасадор, Драган Ѓурчевски; советничката за култура и директорка на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска и началникот на Секторот за малцинства при Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска, Милан Вукелиќ. Домаќини на настанот беа: директорот на подрачното училиште „Стрмец“, Ѕвонимир Маркиќ, кој од самиот почеток со голема радост ја прифати идејата за остварување и реализација; градоначалникот на Света Недела, Дарио Зуровец; заменик-градоначалникот Марио Пшеничњак и советничката за односи со јавноста и протоколи, Ања Блажина-Болјевиќ.
Вукелиќ нагласи дека од страна на ресорното Министерство континуирано се дава поддршка за развој на образованието на јазикот и писмото на националните малцинства. Тоа е начин на кој се создава инспиративна средина каде што слободно учиме едни за други и едни од други.
Во Република Хрватска, овој предмет го учат 108 ученици, во осум основни училишта што се наоѓаат во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и во Сплит и во три гимназии во Загреб, Риека и во Осиек. Предметот го учат припадници на македонското национално малцинство, но и други ученици. Предметот е изборен и се внесува во свидетелствата. Со ова Република Хрватска се вбројува во редот на ретките земји што овозможуваат да се учат јазиците на малцинствата, а кои се признаени и во самиот Устав.
– Како Македонци, секогаш сме позитивно прифатени и заемната почит е на највисоко ниво. Градот Света Недела е град пријател со Гостивар, па се надеваме дека училиштето и учениците ќе бидат дел од идни заеднички проекти преку кои ќе сведочиме за позитивни примери – истакнуваат претставниците на македонската заедница во Хрватска.












