Во ХЕ „Шпилје“ за осум месеци произведени над 113 милиони киловат-часови струја

13

Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар,  во периодот јануари-август, биле произведени 113.708.000 киловат-часови електрична енергија, што претставува 43 отсто од вкупно планираното годишно производство.

– Просечниот дотек на вода во овој период изнесуваше околу 32 кубни метри во секунда, додека дотекот од локалниот слив беше околу 15 м³/сек. Просечната кота на Дебарското Езеро во август беше 571,18 метри, со што е обезбедена резерва за производство на дополнителни 21.180.000 квч електрична енергија – изјавија од ЕСМ.

Додаваат дека и покрај тоа што се оценува хидролошката година како сушна, со дотeци под повеќегодишниот просек, АД ЕСМ вовело нов тренд на управување со хидропотенцијалите.

– Намерата е преку целосна оптимизација на ресурсите за производство на електрична енергија и максимално штедење на акумулираните води, хидроелектраните да работат за покривање на врвниот дневен товар на енергија и за балансирање на електроенергетскиот систем на Македонија – нагласуваат од ЕСМ.

Посочуваат дека ова овозможува компанијата непречено да дава системски услуги, а истовремено да чува резерви за производство на електрична енергија во текот на претстојната грејна сезона.

ХЕ „Шпилје“, заедно со ХЕ „Глобочица“, го сочинува хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим“.

ИЗДВОЕНИ