
Продавачка на храна од населбата Кенскоф во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс, усмртила 40 припадници на локална банда со труење, а мотивот бил наводно одмазда за убиството на членови на нејзиното семејство. Локалните медиуми пишуваат дека осомничената им поделила бесплатни јадења од нејзиниот штанд на криминалците, под изговор за благодарност „за заштита на населбата“.
Со оглед на тоа што станувало збор за долгогодишна и угледна продавачка, членовите на бандата не се посомневале дека во храната има моќен отров, поточно индустриски инсектицид, пишува „Нигериски трибун“.
Според порталот ГДН онлајн, таа им послужила традиционални печива емпанади, карактеристични за шпанското и латиноамериканското поднебје, во кои додала средство кое инаку се користи против гасеници. Веќе по неколку минути од консумацијата, жртвите почнале да чувствуваат силни болки во желудникот, повраќале и умреле пред да дојде брзата помош.
Според извештаите на хаитските медиуми, убиените биле припадници на бандата Вив Ансанма, поврзани со поранешниот полицаец Џими Черизиер, познат под прекарот „Скара“, кој во меѓувреме станал водач на криминалната банда. По инцидентот, жената од страв од одмазда го напуштила Кенског. Набрзо по нејзиното заминување, запалена ѝ е куќата. Наводно, доброволно се пријавила во полиција и признала дека ги отрула припадниците на бандата како чин на лична одмазда и дека сето тоа го извела без ничија помош.