Европските лидери, вклучувајќи го и украинскиот претседател Володимир Зеленски, денесka се среќаваат во Хаг за официјално да ја формираат Меѓународната комисија за компензација на Киев. Целта е да се обезбеди компензација за стотици милијарди долари штета предизвикана од руски напади и воени злосторства. Домаќини на еднодневната конференција се Холандија и Советот на Европа, а на неа учествуваат десетици високи функционери, вклучувајќи ја и шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, пишува Ројтерс.
Русија сè уште не го коментирала планот за формирање на комисијата, но тие постојано ги отфрлаат обвинувањата дека руските сили извршиле воени злосторства за време на конфликтот.
Европските планови за компензација на жртвите во Украина – од сексуално насилство и депортација на деца до уништување на верски објекти – би можеле да бидат комплицирани од можното вклучување на амнестија за воени злосторства во мировниот договор, кој некогаш беше предложен од администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Основа за работата на новата комисија ќе биде постојниот Регистар на штети, воспоставен пред две години, кој веќе има добиено повеќе од 80.000 барања од поединци, организации и јавни тела во Украина. Конвенцијата за основање на комисијата е изготвена од повеќе од 50 земји и Европската Унија, а се очекува дека дури 35 земји ќе ја потпишат денеска.
Според процените на Светската банка, трошоците за обнова на Украина во следната деценија ќе изнесуваат најмалку 524 милијарди долари (447 милијарди евра), што е речиси трипати повеќе од БДП на Украина во 2024 година. Сепак, таа бројка ги вклучува само штетите до декември 2024 година и не ги вклучува уништувањата од оваа година, за време на кои руските напади врз комуналните услуги, транспортот и цивилната инфраструктура ескалираа.












