Оваа сезона, како што се надева туристичкиот сектор во Грција, треба да биде уште подобра од претходната, која ја наполни државната каса со 22 милијарди евра. Сепак, глобалните економски промени може да влијаат на очекуваниот број на гости, кој беше рекорден минатото лето – речиси 35 милиони туристи. Меѓу новините што ги очекуваат гостите е значително зголемување на туристичките даноци со цел да се соберат средства за обнова на инфраструктурата и промоција на одржлив туризам.
Така, од април до октомври, дневниот данок за туристите ќе изнесува дури осум евра, во споредба со претходните половина евро, и ќе варира во зависност од категоријата на сместување. Се очекува ова зголемување на цената да и донесе на државната каса приход од 600 милиони евра, кои ќе бидат насочени кон санирање на штетите предизвикани од климатските промени. Грција ќе заработи дополнителни 51 милион евра оваа година само од пристигнувањата на крузери, додека приходите од нивните такси ќе бидат над 200 милиони евра. Имено, патниците на крузери ќе мора да платат такса од 20 евра при слегување од бродот на Миконос и Санторини, додека на другите острови цената најверојатно ќе биде пет евра, објави српска Политика.
Правилата од минатата година за што е можно повеќе бесплатни плажи без лежалки и чадори за сонце остануваат на сила. Инаку, цените на патарините во Грција се зголемија за дури 30 до 35 проценти на северот од земјата, каде што најчесто пристигнуваат оние што одлучиле да користат сопствени автомобили.
Од 1 мај, грчката влада спроведува одлука за намалување на пристанишните такси за 50 проценти, што треба да помогне во стабилизирање на цените на билетите за фериботи и бродови и одржување на одредено ниво на прифатливост за сите што патуваат на островите. Летните месеци ќе покажат колку добро Грција ќе може да ги спроведе своите добри намери во пракса.
Имено, ЕУ усвои нови еколошки прописи за употреба на нов вид гориво со ниска содржина на сулфур, што во пракса значи значително зголемување на оперативните трошоци на фериботските компании и поврзано зголемување на цените на билетите од 10 до 15 проценти.