Десетици илјади Израелци повторно се на улица. Во десетици градови низ земјата протестираат со барање итно да се ослободат заложниците од Појасот Газа и да прекине војната. Тие блокираа повеќе патишта, вклучувајќи го и главниот автопат во близина на Тел Авив. Гневот го изразуваа и со палење гуми.
Откако пред една недела стотици илјади Израелци излегоа на тогаш најмасовниот протест од почетокот на војната, сега граѓаните протестираа под слоганот „Израел стои заедно“, откако ги повика Форумот на заложници и исчезнати семејства. Демонстрантите остро го обвинија премиерот Бенјамин Нетанјаху дека намерно ја продолжува војната од политички причини. Сè уште се смета дека во Газа има околу 50 заробени лица, од кои околу 20 се живи.
Додека исламистичката организација Хамас посочува дека ја прифатила најновата верзија на планот на посредниците за 60-дневен прекин на огнот при што би се ослободиле првите 10 израелски заложници во замена за палестински, Нетанјаху изјави дека одлуката на неговиот кабинет за безбедност да ѝ нареди на армијата да го преземе градот Газа во наредните месеци е „недвосмислена“.
– Израел ќе дејствува решително и енергично за да ги врати сите свои заложници и да го победи Хамас, ѝ пренел Нетанјаху на американската сенаторка Џони Ернст од Ајова, со која се сретнал во понеделникот во неговата канцеларија во Ерусалим, наведува „Тајмс оф Израел“.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната во Појасот Газа ќе заврши за неколку недели, без да прецизира како би завршил конфликтот. Тој во понеделникот вечерта рече дека „многу комуницира“ со израелскиот премиер, кому му рекол дека војната во Појасот Газа мора наскоро да заврши, јавија британските медиуми.