Во голем број компании еден работник работи за двајца, а зема иста плата 

Продуктивноста во државата не зависи само од работниците. Во многу компании во државата, за ниската продуктивност се виновни сопствениците и структурата на стопанството. Според економските експерти, факторите што играат голема улога за тоа колкаво е нивото на продуктивност на компаниите се структурата на компаниите, вложувањата во нови технологии, дигитализација, автоматизација... Во многу компании во кои процесите се автоматизирани, реално е намален бројот на работници, но има и компании каде обемот на работа е ист, а бројот на работници е драстично намален, односно, еден работник работи за двајца, а зема иста плата 

492

Во голем број компании и во приватниот и во јавниот сектор се намалува бројот на вработени, а за сметка на тоа не се примаат нови вработени. Познавачите на состојбите велат дека доколку еден работник отиде во пензија, даде отказ или подолго време е на боледување, на негово место не се вработува нов работник туку работата се распределува на постојните работници. Во многу компании во кои процесите се автоматизирани, реално е намален бројот на работници, но има и компании каде обемот на работа е ист, а бројот на работници е драстично намален. Економските експерти велат дека недостигот на работна сила си го направи своето, односно, бидејќи компаниите не можат да најдат работници, се обидуваат да ги извршуваат процесите со оние што ги имаат. Се покажа дека тоа функционира и затоа голем број компании останаа со истиот број вработени.

Според нив, главни виновници за ниската продуктивност се ниското ниво на дигитализација, на автоматизација, но и самата структура на стопанството, во која е помало учеството на оние дејности што создаваат висока вредност по човек.

– Кога се зборува за продуктивност, многу е погрешно да се мисли дека таа зависи само од работникот, од неговото залагање и од неговите квалификации. Општата продуктивност во државата многу зависи од структурата на компаниите и од вложувањата во нови технологии, дигитализација, автоматизација… Но, факт е дека високопродуктивните дејности бараат вложување на повеќе капитал по еден вработен. Анализите кои се правеа за продуктивноста на работниците во државата покажаа дека таа е многу пониска во јавниот сектор, отколку во приватниот. И затоа не треба да нè збунува фактот дека кога некој ќе отиде во пензија, на негово место не се вработува друг, тоа е поради превработеноста во јавниот сектор, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров од Организација на работодавачи.

Според него, колку еден работник треба да работи и што работодавачот очекува од него, тоа се решава со договор за работа.

– Суштината за тоа колку еден работник ќе работи се решава со договор за работа. Денес имаме многу поголема флуктуација на работна сила затоа што работникот кој е квалификуван и не е задоволен од работодавачот и од платата многу лесно може да најде вработување кај друг работодавач. Пазарот на труд нонстоп се менува и во зависност од условите за работа и од бројот на работници на пазарот, работодавачите се приспособуваат, објаснува Димитров.

Од Сојузот на синдикати на Македонија, за весникот ВЕЧЕР велат дека до нив пристигнуваат многу поплаки за оптовареност и пренатрупаност со работа како во приватниот, така и во јавниот сектор.

– Кога ќе замине работник во пензија многу ретко на истото место се прима некој друг и најчесто работата ја врши некој од другите колеги. Слична е ситуацијата кога работникот оди на боледување, на неплатен одмор на подолго време… Поради тоа, не може да се каже дека работниците не се продуктивни кога еден работник покрива две до три работни позиции за иста плата. Работниците речиси никогаш не добиваат зголемување на платата поради зголемениот обем на работа. Во многу компании има намален број работници, а работата е иста за оние што остануваат, вели Иван Пешевски од ССМ.

Тоа, како што вели, се гледа по зголемените профити на компаниите. Во некои компании профитите се двојно зголемени, а бројот на работници е преполовен. И тој се согласува дека во многу компании процесите се автоматизирани и работата и потребата од работна сила е реално намалена.

Од Бизнис конфедерацијата на Македонија исто така сметаат дека недостасува сериозно вложување во дигитализацијата, а тоа ги прави фирмите помалку конкурентни и ја намалува продуктивноста на вработените.

Претседателот на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков, вели дека за ниската продуктивност повеќе се виновни компаниите, односно, менаџерите, отколку работниците.

– Менаџерите не го насочиле својот пораст, односно, својата конкурентност врз дигиталните алатки. Ниското ниво на брзината на водењето бизнис, де факто произлегува од главата на компаниите, односно, од сопственичкиот потенцијал, смета Бошков.

Економските експерти велат дека недостигот на работна сила си го направи своето, односно, компаниите во недостиг на работна сила се обидоа да ги извршуваат процесите со оние работници што ги имаат. Тоа се покажа дека функционира и поради тоа голем број компании останаа со истиот број вработени. Така на пример, во многу компании каде што е возможно неколку работни позиции се споени во една.

(А.С.)  

 

ИЗДВОЕНИ