Вчера, низ Гевгелија одекнуваа звуците на македонскиот и српскиот фолклор, како една своевидна музичка везилка која го претстави богатството на народната традиција, музика и игра. Сето ова беше доживеано низ чекорите и насмевките на детските фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија и соседна Србија , учесници на првиот Меѓународен детски фолклорен фестивал „Гевгелиска везилка“.
Овој фестивал уште еднаш покажа дека младата генерација го сака фолклорот и е подготвена во иднина да биде достојна замена на своите повозрасни играорци, а со тоа да биде движечка сила во продолжувањето на богатата фолклорна традиција кај нас и пошироко.
На фестивалот, кој се одржа во преполнетата сала на Народниот театар, се претставија младите фолклористи на домаќините, Ансамблот „Бојмија“, потоа КУД „Илинден“ од Струга, КУД „Мирка Гинова“ од Демир Капија, Фолклорниот ансамбл „Мегдан“ од Богданци и, како гости, Фолклорниот ансамбл „Општина Мало Црниќе“ од Република Србија.
Богатата фолклорна вечер беше најавена со свечено дефиле на сите учесници на Градскиот плоштад. Гевгеличани на отворен простор имаа можност да ги поздрават и поддржат најмладите играорци и да го проследат заедничкото оро кое го изведоа околу 150 млади фолклористи.
Претседателот на „Ансамбл Бојмија“, Игор Илиевски, по завршувањето на овој интересен настан ни изјави: „Задоволни сме, како организатори со тоа како помина овој, прв по ред, фестивал „Гевгелиска везилка“. Иако на почетокот бевме по малку скептични за тоа како ќе помине самиот настан, сепак, на крајот, аплаузите и овациите на публиката ни покажаа дека сме успеале во нашата замисла. Се надевам дека овој детски фестивал ќе стане традиционален, на наше, но уште повеќе на задоволство на љубителите на фолклорните ора и песни“.
Настанот беше во организација на Ансамбл „Бојмија“ од Гевгелија, а во соработка со Општина Гевгелија и е дел од програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
(Љ.А.)