Припадници на специјалната полициска единица во Есен, рано изутринава уапсија 27-годишен маж од босанско потекло под сомнение за планирање терористички напад.
Според официјалните полициски информации, акцијата е дел од поширока истрага за финансирање тероризам и организиран криминал, која трае веќе неколку недели, објавува „Билд“. Истражителите го следеле осомничениот со недели и вчера со помош на специјалните сили и дополнителни полициски единици, извршиле претреси во Есен, Дортмунд, Диселдорф и во Зест. Притоа биле конфискувани електронски уреди и други медиуми што би можеле да содржат важни информации за истрагата. Главната обвинителка, Александра Визе, објасни дека финансирањето на тероризмот е поврзано со лажно купување и препродажба на скапа електронска опрема.
– Проценуваме дека на овој начин веќе е собрана најмалку петцифрена сума во евра, рече таа.
Полицијата соопшти дека поради сериозноста на ситуацијата, постои сомневање дека се подготвува напад со огнено оружје. Уапсениот маж, за кој се тврди дека има воена обука, живее во Есен. Вториот осомничен е од Дортмунд, а истражителите ги претресле и куќите на нивните познајници, кои во моментот се сведоци, но нивниот статус може да се промени.
– Нашата полиција не се двоумеше, таа спречи можни терористички активности пред да биде предоцна. Секој што планира тероризам во нашата земја мора да очекува дека специјалните сили ќе му затропаат на вратата, и тоа навреме, изјави за „Билд“ министерот за внатрешни работи на Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл.