Во функција видеонадзорот поставен на спортските терени во Велес

Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, информира дека е поставен 24-часовен видеонадзор на спортските комплекси во ООУ „Васил Главинов“ и СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, во населбата Тунел и во населбата Дворови. – Со оваа инвестиција ќе ја заштитиме урбаната опрема во градот од вандалското однесување на поединци и на групи – истакна Колев

9

Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, информира дека е ставен во функција 24-часовниот видеонадзор што е поставен на спортските комплекси во ООУ „Васил Главинов“ и СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, во населбата Тунел и во населбата Дворови.

– Со оваа инвестиција ќе ја заштитиме урбаната опрема во градот од вандалското однесување на поединци и на групи – истакна Колев.

Од Општина Велес појаснија дека, најчесто во вечерните часови, хулигани ја кршат и демолираат новопоставената урбана опрема и целосно ги уништуваат спортските терени од тартан со возење мотори и други возила. Тие најавија дека со доказ преку снимка, сторителите ќе бидат пријавени во полиција и очекуваат тие најстрого да бидат санкционирани и казнети, во согласност со законските одредби.

Граѓаните на Велес го поздравуваат ставањето во функција на видеонадзорот на спортските терени и на детските игралишта во градот и бараат од локалната власт и од полицијата вандалите што ги уништуваат, веднаш да бидат спречени од полицијата и најостро да бидат казнети во судовите.

Тие со години бараа од локалната власт поставување видеонадзор, но тогашната локална власт се правдаше дека Општината не може да постави видеонадзор затоа што согласно со закон, со тоа им се нарушувала приватноста на граѓаните.

Од Општина Велес потсетуваат дека урбаната опрема е набавена со средства од буџетот собрани од даноците на граѓаните и треба да им служи на сите граѓани.

Тие потенцираат дека со ставањето на видеонадзорот во функција очекуваат и конечно решавање на еден голем горлив проблем. Со тоа, очекуваат помала материјална штета и помалку издвоени средства за повторна реконструкција на демолираните спортски терени во градот.

Надлежните од Општината досега секоја година издвојуваа поголеми суми општински пари за обновување на демолираните и целосно и делумно оштетени спортски терени и детски реквизити поставени на јавните површини, во парковите и на спортските терени и игралишта во Велес.

Од локалната власт најавија поставување видеонадзор и во другите паркови и спортски терени и игралишта во градот.

 

ИЗДВОЕНИ