Тимот на Ферари со години е непрепознатлив на патеките во Формула 1. Од еден од најдобрите тимови во поредокот до просечен во последната повеќе од една деценија.
Овој пат, италијанскиот медиум „Кориере дело спорт“ и порталот „Ауторасер“ пишуваат дека Ферари наскоро ќе остане без Волф Цимерман и Ларс Шмит, двајца истакнати експерти од одделот за погонски единици. Двајцата се клучни луѓе во одделот за развој на мотори и наводно бараат нов предизвик во новиот тим што ќе се појави во Формула 1, наредната сезона – Ауди. Германскиот производител го презеде тимот Стејк оваа зима и веќе го привлекува вниманието на големите имиња.
Точниот датум на нивното заминување од Маранело сè уште не е познат. Цимерман, лидерот во проектот за погонски единици на Ферари, се смета за вистински иноватор во светот на моторите во Ф1. Неговото заминување се смета за особено чувствително за Скудерија. Сепак, развојот на моторот за 2026 година е воден од Енрико Гвалтиери, што му дава одреден континуитет на Ферари.
Шмит е главен инженер за развој на перформансите на моторот со внатрешно согорување.
Инаку, доколку се оствари сето ова, а шансите за такво нешто се реални, двајцата повторно би соработувале со Матија Биното, кој го напушти Ферари на крајот од 2023 година. Биното сега го води влегувањето на Ауди во Формула 1 и планира сериозно да ја зајакне неговата програма со мотори.
Неговиот потег јасно ја демонстрира амбицијата да создаде конкурентен пакет од самиот почеток.
Потегот на Цимерман се смета за клучен, бидејќи тој имаше големо стратешко влијание врз плановите на Ферари. Пристигнувањето на Шмит во Ауди дополнително нагласува колку е силен инженерскиот тим во Инголштат.
Ферари сега ќе мора да најде нови решенија за да биде во чекор со конкуренцијата.
Заминувањето на двајцата врвни експерти е, секако, голем удар пред претстојните промени во правилата на Формула 1.
Скудерија се надева дека постојниот персонал ќе може да го одржи развојот на високо ниво.
Ауди, од друга страна, јасно покажува со овие потези колку сериозно го сфаќа влегувањето во најбрзиот циркус во светот.