Во Европа се формира сојуз на политичари кои не се согласуваат со ставот на лидерите на ЕУ за миграцијата и конфликтот во Украина, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по средбата со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија.
– Се формира сојуз на европски политичари кои се против војната и масовната миграција, а Бугарија има клучно место во овој сојуз, рече тој.
Сијарто додаде дека средбата со Радев им овозможила на Унгарија и Бугарија да ги зајакнат своите заеднички ставови по овие прашања.
Како што истакна, тие се согласиле дека е потребно да се поддржат мировните напори и договореното решение за украинската криза, бидејќи во спротивно оваа војна никогаш нема да заврши.
– Решение може да се најде само преку дипломатија, само на преговарачка маса. Затоа Унгарија останува подготвена да организира мировен самит и ние ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на Доналд Трамп, рече Сијарто.












