Додека европските земји успешно ја ставаат инфлацијата под контрола, македонските граѓани продолжуваат да се соочуваат со ценовни шокови и притисоци од инфлацијата. Статистика пресмета дека цените на мало на годишно ниво бележат пораст од 5,3 отсто, а на месечно ниво порастот е од 3,1 отсто. Поради тоа, економските аналитичари и анализата на „Фајнанс тинк“ укажуваат на тоа дека борбата со инфлацијата треба да остане врвен приоритет во државата. И покрај тоа што се очекуваше дека многу брзо ќе се донесат мерки за смирување на инфлацијата, сепак, последните информации не се оптимистички. Според информациите кои весникот ВЕЧЕР ги доби од Министерството за економија, до крајот на наредниот месец ќе се знае дали ќе се донесат мерки за стопирање на порастот на цените на храната. Вакви мерки, како што велат оттаму, можат да се донесат без оглед на изборите. Инаку министерот за економија, Бесар Дурмиши, на состанокот кој беше закажан за вчера попладне најави дека ќе ги предупреди трговците, производителите и дистрибутерите да се однесуваат соодветно, во спротивно, како што рече Владата ќе воведе ригорозни мерки.
Од Министерството за економија велат дека цените на храната не се драматични, сега поголем притисок врз вршат цените на транспортот, услугите…
– На состанокот ќе се види каква е состојбата со инфлацијата и ќе ги предупреди дистрибутерите, трговците и останатите чинители во синџирот на снабдување да не ги зголемуваат цените. Сепак, она што може да се забележи во последно време е дека инфлацијата на храната не е многу висока, а цените растат кај транспортот и услугите. Она што можевме да го забележиме последните месеци е дека се зголемија цените на кафето, кое е берзански производ и кај овошјето и зеленчукот, кои претежно се увезени, информираат од Министерството за економија.
Оттаму додаваат дека за да се постигне поголем ефект е потребно да бидат вклучени повеќе институции и да се стави под контрола базичната инфлација.
– Не може да ги гледаме само цените на крајните производи, треба да се земат предвид и цените на енергенсите, транспортот, услугите… Препорака на европските економски експерти е дека треба да се преземат долгорочни мерки кои вклучуваат повеќе институции, а не краткорочни. Нашиот избор е стеснат и ние можеме да донесеме само два типа мерки ограничување на цени и маржи или кошнички, појаснуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека е потребно три месеци да се чека за да се стабилизира пазарот по мерките. Така што, до крајот на наредниот месец ќе се знае дали ќе се донесат мерки и какви.
Инаку, економистите и синдикатите предупредуваат дека веќе нема време за чекање и дека се потребни долгорочни мерки кои ќе дадат ефект. Додека во Европа и во земјите во регионот инфлацијата се стабилизира, а платите растат, кај нас платите не се зголемуваат, а цените продолжуваат да растат.
– Во светот, инфлациските притисоци од храната веќе подолго време се намалени, а економските политики се насочени кон нови предизвици: кон цените на услугите, стабилизирањето на домашната побарувачка и закотвувањето на инфлациските очекувања. Напредните економии се откажуваат од краткорочни и популистички мерки како замрзнување на цените, кои имаат само моментен ефект, и преминуваат кон таргетирани политики насочени кон најранливите категории, истовремено зајакнувајќи ја долгорочната ценовна стабилност. Во Македонија, меѓутоа, сè уште доминира реактивниот пристап, со фокус на мерки кои светот веќе ги надмина. Инфлацијата кај нас сè повеќе е поттикната од засилената домашна побарувачка, порастот на реалните приходи и ценовните корекции во услугите, но економската политика продолжува да троши ресурси на широки и скапи форми на поддршка што дополнително ја потхрануваат побарувачката. Наместо тоа, потребно е визионерско дејствување и усогласување со глобалните трендови за да не останеме заглавени во минатите економски бури, изјави за весникот ВЕЧЕР економскиот аналитичар и универзитетски професор Абил Бауш.
Од Сојузот на синдикати на Македонија, кој пред два дена поднесе барање до Собранието за зголемување на минималецот на 500 евра, сметаат дека ако не можат да се зголемат платите, барем да се смират цените.
– Компаративните анализи покажуваат дека покачувањето на платите не ја подгрева инфлацијата како што тврдат работодавачите. Порастот на платите не ја поттикнува инфлацијата во оној процент колку што е кај нас во моментов. Напротив, инфлацијата предвреме го јаде зголемувањето на платите. Куповната моќ на македонските работници е многу пониска од куповната моќ на работниците во ЕУ, бидејќи инфлацијата таму се стабилизира и изнесува околу 2 отсто, а кај нас секој месец расте и е околу 5 отсто. Ако не се зголеми минималната плата што е повеќе од очигледно дека нема да се случи, барем да се креираат долгорочни мерки кои ќе ги зачуваат стандардот и куповната моќ на граѓаните, смета Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Иселениците кои летово престојуваат во државата реагираат на високите цени. Велат дека цените на храната во маркетите се повисоки од ЕУ.
„Фајнанс тинк“: Лекот не треба да се бара во замрзнување на цените
Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ во својата последна анализа за движењата кај цените, нотира дека носителите на политиките треба да се воздржат од интервенции кај цените на храната кои се покажаа како краткотрајни и реверзибилни и да преминат кон политики што ја стабилизираат побарувачката и спречуваат прелевање на ценовните зголемувања преку услугите.
– Во услови кога порастот на платите и цените на услугите покажуваат знаци на трајност, инфлацијата станува „леплива”, односно, тешко се повлекува, како што е евидентно сега. Затоа, Народната банка мора да биде подготвена да ја задржи или, ако стане потребно, да ја заостри рестриктивната поставеност – бидејќи долгорочната стабилност на цените е клучна за економската доверба и заштита на реалната вредност на приходите на граѓаните, сметаат од „Фајнанс тинк“.
Анализите на Институтот покажуваат дека ефектот од владините мерки е краткорочен, што значи дека намалувањето во текот на важењето на мерката се компензира речиси во целост со пораст на цените кој настанува по истекот на мерката.
– Притисоците врз цените сè помалку доаѓаат од глобалните пазари или од страната на храната, а сè повеќе се резултат на засилена домашна побарувачка, високи реални доходи и услужен сектор кој ги коригира цените нагоре. Затоа, носителите на политиките треба да се воздржат од интервенции кај цените на храната – кои се покажаа како краткотрајни и реверзибилни – и да преминат кон политики што ја стабилизираат побарувачката, ги закотвуваат инфлациските очекувања и спречуваат прелевање на ценовните зголемувања преку услугите, порачуваат од „Фајнанс тинк“.
Во однос на храната, најголем годишен пораст на цените има кај овошјето 6,3 отсто и кај рибата и морските плодови 5,6 отсто, додека кај сите останати компоненти порастот е посмирен или негативен како кај маслата –1,5 отсто и кај шеќерите –2,2 отсто.
– Кај овошјето, веројатно се работи за помало домашно производство, ако се земе предвид дека во првото полугодие годинава извозот на овошје се намалил за 62 отсто според количински показатели. Од друга страна, увозот пораснал за 13,9 отсто количински и 23,3 отсто вредносно, што укажува дека овошјето од увоз доаѓало по значајно повисоки цени, а условите на домашниот пазар веројатно овозможувале и зголемување на трговските маржи. Состојбата кај зеленчукот е поповолна, бидејќи и домашното производство било поповолно, и увозните цени биле слични како и во споредбениот период, се наведува во анализата.
СДСМ бара укинување на ДДВ за храна
Од опозициската СДСМ бараат властите да ги прифатат нашите предлози за укинување на ДДВ за храна.
– Инфлацијата од 4,8 проценти на годишно ниво ја доведува економијата во сериозен пад и го турка населението во сиромаштија. Најмногу поскапување има кај храната и основните производи, што го прави животот потежок за граѓаните кои се присилени да прават тешки избори помеѓу плаќање сметки и купување намирници, реагираат од СДСМ.
Оттаму бараат властите да ги прифатат предлозите на СДСМ за укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори како начин за намалување на трошоците и заштита на стандардот на граѓаните.
По 1 мај, кога истече владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за преку 1.000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо, трговците во Македонија слободно можат да ги формираат цените, што доведе до голем пораст, пред сè на цените на сезонското овошје и зеленчук.
(А.С.)