
Речиси е невозможно да се најдат цигари на улиците, а пушачите се ретки. Забраните важат не само за затворени простори, туку и за тераси на кафулиња и површини пред ресторани.
Благодарение на овие правила, Шведска стана првата земја во светот што ја носи етикетата „без чад“.
Иако бројот на пушачи драстично се намали, никотинот не исчезна – само ја промени својата форма. На големата конференција на компанијата „British American Tobacco“ (BAT) во Стокхолм, беше објавено дека земјата ги исполнила критериумите за општество без чад дури 16 години пред планираната цел на Европската унија за 2040 година.
Рекордно ниска стапка на пушачи
Според податоците, денес само 5,3 проценти од возрасните во Шведска пушат, додека европскиот просек е дури 24 проценти. Клучот за успех е преминувањето на производи без чад – снус, никотински кесички и електронски цигари.
„Покрај намалувањето на бројот на пушачи, Шведска има и најмал број на предвремени смртни случаи од болести поврзани со пушењето во целата Унија. Морталитетот кај мажите од рак на белите дробови овде е за 61 процент помал од просекот на ЕУ, додека вкупниот морталитет од болести поврзани со тутунот е за 39,6 проценти помал“, рече Даниеле Тауер од БАТ.
Д-р Џејмс Марфи од БАТ тврди дека „2,6 милиони животи би можеле да бидат спасени во следните 10 години ако пушачите масовно се префрлат на алтернативи“.
Тој додава дека производите без чад имаат „до 99 проценти пониски нивоа на штетни хемикалии од цигарите“.
Шведска го изгради својот успех врз комбинација од прогресивна регулатива и свест на граѓаните. Државата го промени својот пристап – од политика на „намалување на употребата“ кон „намалување на штетата“. Даноците се прилагодени на степенот на ризик, па затоа производите без чад се попристапни од традиционалните цигари.
Резултатот е особено видлив кај младите луѓе – во возрасната група од 16 до 29 години, само 2 проценти од луѓето пушат дневно, додека просекот на ЕУ е седум пати повисок.